1.500 мигранти се удавиле годинава во обид да стигнат до Европа

by fokus

Меѓународната организација за миграции (ИОМ) проценува дека најмалку 1.500 мигранти се удавиле во обид да го минат Средоземно море во текот на годинава.

Најопасна е рутата која досега беше најмасовно употребувана, меѓу Либија и Италија, каде во просек гине еден од 19 мигранти.

ИОМ исто така соопшти дека драматично расте бројот на мигранти кои влегуваат во Шпанија, каде досега се забележани 21.000 мигранти, односно приближно колку што влегле во текот на целата 2017 година. Вчера околу 600 мигранти со сила ја преминаа оградата во шпанската африканска енклава Сеута, во обид да го продолжат патот кон европскиот континент.

Вкупната бројка на пристигнати мигранти годинава, сепак, е значително намалена на 55.000 во споредба со 111.753 во истиот период лани. Ова пред се се должи на изборот на новата Влада во Италија, која ја затвори рутата од Либија.

Во текот на годинава Италија преземала околу 18.000 мигранти кои тргнале кон Европа од Либија, а преостанатите од нив биле примени од Грција, Кипар и Малта.

Портпаролот на ИОМ, Џоел Милман изјави дека иако бројот на мигранти се намали по затворањето на рутата преку Италија, сепак стапката на смртност при минувањето на Средоземно море се зголемила.

Поврзани новости