Второ ослободително востание

by Fokus

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Деновиве, пребришувајќи ги книгите во старата библиотека на моите родители, во која, природно, со оглед на нивното партизанско минато, добар дел од четивото е со тематика од НОБ, налетав на една книга која, кога првпат ја видов пред повеќе од 15 години, ја отворив и набрзина ја прелистав колку да видам дали некаде во книгата е спомната мајка ми, вујко ми и нивните другари што ги знам и што ни доаѓале дома.

Оттогаш наваму не дошло ред да седнам и „нормално“ целата да ја прочитам. И сега повторно ја пофатив и пак ќе ја вратев на полицата, така избришана,  кога в очи ми падна насловот, просто како првпат да го гледам: „ПРВО ОСЛОБОДИТЕЛНО ВОСТАНИЕ!“ − од Љубен Георгиевски-Љупта. Книгата навистина претставува значајно дело за борбата на македонските комунисти против фашизмот, нивната битка за национална слобода и праведен социјален живот.

НЕНАСИТНА КРИМИНАЛНА БАНДА

И, сега, кога деновиве одбележуваме цели 75 години од 11 октомври 1941 година, овој наслов ми отвори една нова димензија на востанието за која можеби дури и самиот автор не бил сосема свесен. Во врска со насловот, како што самиот вели, му  се „меткале“ повеќе варијанти, но на крајот, по сугестија на Коле Чашуле, го прифатил насловот „Прво ослободително востание!“

Изборот на ваквиот наслов не личи дека е некоја баш случајна случајност. Напротив, како во него намерно да е вградено едно подзатскриено, самосвесно восхитувачко сознание дека 11 октомври 1941 година е историскиот настан од најголемо значење за Македонија. Еден ваков наслов, кој на прв поглед изгледа сосема стандардно, обично, всушност ја содржи најголемата вистина за македонското револуционерно движење низ годините, а тоа е дека 11 Октомври е првото ОСЛОБОДУВАЧКО востание во историјата на македонскиот народ.

11 Октомври е, всушност, ПРВОТО УСПЕШНО ослободително востание и со самото тоа е единствено! Имало во нашето минато многу востанија и сите до едно биле задушувани во крв. Ги славиме и ги одбележуваме (Илинденско, Кресненско, Разловечко,…) како што е ред, пред сè, во спомен и почит кон жртвите што ги дале животите како свој личен придонес во подоцнежното конечно ослободување и формирањето на сопствена македонска држава.

Онаа сопствена држава создадена во четиригодишната народноослободителна борба која сега, по повеќе од 70 години, е опасно разнишана, напукната, разнебитена и се бори за својот опстанок. Тоа е онаа држава чии граѓани, правејќи се дека не забележуваат, дозволија по речиси 70 години слобода, на државата подмолно, крадешкум да ѝ се изврши тивка окупација од една ненаситна криминална банда, која со своето расипано лицемерие, лигаво додворување и гнасно полтронство (популизам) успеа да ги заземе сите институции и однатре да ја изглода срцевината на системот.

Тоа се оние граѓани на државата Македонија, кои помирливо дозволија не само да им се зароби сегашноста и иднината туку дозволија да им се ретушира и да им се преработи минатото! ‒ со СК 2014, кој не е само еден грд естетски погром за Скопје туку претставува груб историски фалсификат, докажан и документиран во она здание покрај Вардар што се нарекува Музеј на македонската борба, Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим!

ЗУЛУМИТЕ НА РЕЖИМОТ

Не сум влегла во тој музеј и нема ни да влезам сè додека не се направи темелна ревизија и историско-научна експертиза која ќе ги  растреби до последниот детаљ прикаските на квазиисторичарите од ГДОМ и ќе ги смести во вистинскиот историски контекст. Нема да влезам во тоа здание сè додека 11 Октомври, историскиот ден на единственото успешно востание на македонскиот народ не се запише со златни букви во центарот на музејот.

И, се разбира, нема да влезам во тоа „дувло“ сè додека од насловот не се избрише оној дел за „жртвите на комунистичкиот режим“. Оној „комунистички режим“ што ја направи државата и што им ја даде на послужавник за вмровциве докрај да ја ограбат и да ја донесат на питачки стап.

Во сите клучни историски  моменти кај сите „режими“ имало и премрежија и жртви; некои вистински жртви, некои самонаречени, а некои сосема измислени. Но, зулумите на овој режим не се измислени. Силните бомби докрај ги разоткрија. Кога еден режим ќе побесни до таа мера и ќе реши да си „игра“ прислушување со софистицираните електронски алатки, правејќи зулуми врз илјадници наши граѓани, токму тие алатки на крајот ќе му се навртат и ќе тргнат по лов на неговата  глава.

Безмилосни се тие алатки. Оставаат  неизбришливи траги. Електрониката е голем предавник: си забележува, верно си документира и егзактно си  докажува. Но, со тоа нека си се занимаваат оние од Специјалното обвинителство. Сега, ние граѓаните на оваа поробена земја најпрвин треба повторно да си ја ослободиме окупираната држава и да си ја вратиме во наша сопственост.

Во овие денови, кога се потсетуваме на 11 октомври 1941 година, некако на посреден начин, како своевидно пророштво ми се наметнува насловот на книгата: „Прво ослободително востание!“ Авторот на делото, Љуптата, така го викаа неговите соборци, со овој наслов како да ни претскажува дека е дојдено време за  „Второ ослободително востание“. Случајност или провидение, тоа Второ ослободително востание и овој пат ќе се случи на 11, не октомври како во ’41 година, туку на 11 декември 2016 година!!! Сè ми се чини дека и ова, второво, ќе биде успешно како и првото ослободително востание!

 

Поврзани новости