Ѕинго направи паралелна прослава на 11 Октомври во Куманово

by fokus 13:57
13:57

Во мојата 12-годишна практика во политиката се нема случено посебно, со паралени протоколи, да се одбележува 11 Октомври во Куманово, градот првоборец и град херој кој даде 800 жртви во борбата против фашизмот, реагира градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски – Циц во врска со паралелната прослава на 11 Октомври.

Локалните медиуми во Куманово објавија дека освен официјалното одбележување на празникот 11 Октомври организирано од Општина Куманово во Спомен костурницата на паднатите борци од НОБ, на истото место, час порано, славела и Социјалистичката партија на чело со делегација предводена од лидерот Љубисав Иванов-Ѕинго.

- Advertisements -

„Ова јасно укажува во кој правец се движи Република Македонија, поделена по сите основи. Нѐ делат и на државни празници, кои значат државотворност на Македонија. Жал ми е за ваквиот начин на покажување на ароганција и поделби во земјава. Од ова свето место апелирам до сите разумни луѓе во Македонија да почнеме да градиме заедништво, тоа е основен концепт по кој може да опстане Македонија како мултиетничка, мултикултурна и држава на сите граѓани“, изјави Дамјановски.

На прославата, како што јавуваат медиумите од Куманово, со автобуси пристигнале членови од Кратово, Крива Паланка, Пробиштип, Штип и од помалите општини во североисточниот регион за да присуствуваат на одбележувањето организирано од Ѕинго.

ФОТО: Кумановски муабети

 

Поврзани новости