Во Неготино дијаспората ќе ги финансира автобусите за протестите во Скопје

by Fokus
Автобуси платени од дијаспората ќе ги превезуваат неготинчани кои што денес ќе сакаат да протестираат во Скопје, на протестите за одбрана на името – е информацијата која е објавена на интернет страниците на социјалните мрежи, блиски на опозицијата.

-Денес во 16 часот од пред единаесеткатницата ( во центарот на градот) ќе се тргнува за Скопје. Обезбеден е превоз од дијаспората, ваше е само да дојдете и покажете колку си ја сакате Македонија, ако си ја изгубиме државата, после се е џабе веќе – истакнато е на Фејсбук страницата чии администратори не се познати.
Вчера од ВМРО ДПМНЕ изјавија дека партијата не стои зад протестите.

-Го почитуваме демократското, уставно загарантирано право на протест. Секој може да одлучи да организира или да учествува во кои било протести. Во однос на протестите најавени за утре, не сме организатори, ниту пак стоиме зад нив. Кога ВМРО ДПМНЕ ќе организира протести ќе ја информира јавноста и ќе ги повика граѓаните на масовност – соопштија од ВМРО ДПМНЕ.

Не е познато точно кој од дијаспората ќе го финансира автобускиот превоз на неготинчани. Во изминативе години, голем број од граѓаните се отселија од земјава, но нема официјални податоци и точни бројки. Ретко се случило и кога се во прашање хуманитарните акции за помош за лекување или пак за социјално загрозени семејства, некој од дијаспората да донира за своите сограѓани. Исклучок имаше лани, кон крајот на годината, кога неготинчанец кој живее во Чикаго, по хуманитарната акција на
,,Фокус’’ за помош на болно дете организираше акција во САД и уплати 1.800 долари на хуманитарната сметка.

Никој од доселениците никогаш не донирал ниту некоја позначајна инвестиција за општината досега. Исто така, нема податоци околу тоа колку автобуси, комбиња или автомобили платени од дијаспората од Неготино ќе заминат на протестите во Скопје.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости