Селективно се испраќаат партиските соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ до медиумите. Владејачката партија долго време игнорира одредени медиуми и упорно не ги става на меилинг листата, па јавноста не може да биде навремено и објективно информирана.
Фокус неколкупати се обрати до Илија Димовски, поранешниот директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Димовски, но, како и за секоја друга тема за која Фокус има побарано негов став, тој не одговори на нашите барања. Се обративме и до Александар Бичиклиски од ВМРО-ДПМНЕ, кој ни рече дека веднаш ќе се потруди соопштенијата да стигнуваат до сите медиуми, но такво нешто не се случи. Од партијата не одговорија ниту на е-маилот што Фокус го испрати до владејачката партија.
Сличен проблем има и веб-порталот А1 он.
„Сме ги контактирале и замолувале да не стават на листата на медиуми бидејќи сметаме дека читателите треба да бидат информирани за активностите и реакциите на секоја политичка партија. Но, од оваа партија целосно не игнорираат, како да сакаат да кажат, „вие не постоите за нас“. Тоа е крајно некоректно, но ние сепак наоѓаме начин да ги најдеме и преземеме нивните соопштенија“, вели Предраг Петровиќ, главниот уредник на А1 он.
Да се презентираат мислењата на двете страни во една сторија е едно од клучните правила во новинарската професија. Но, ова правило станува сѐ поневозможно за примена, со оглед на тоа што владејачката партија одбива секаква комуникација со дел медиумите кои се критички настроени кон власта.
Во тек е конкурсот за избор на нов директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Останува да се надеваме дека лицето што ќе биде избрано еднакво ќе има еднаков третман кон сите медиуми, како што впрочем доликува на една владејачка партија во едно демократско општество.