Вангеловски по заканата за кривична: Поцевски не може да врши увид кога ќе му текне

Откако Сашо Поцевски, претседателот на Советот за утврдување на факти, најави дека ќе му поднесе кривична пријава на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, бидејќи не му дозволил да направи увид во предметот на СЈО, „Таргет и Тврдина“, тој истакна дека со радост ја очекува.

Вангеловски за „Фокус“ појаснува дека е точно дека на Поцевски не му било дозволено да влезе во судот и да изврши увид во предметот, бидејќи, како што вели за тоа не биле создадени услови.

-Не може кога ќе посакаат да дојдат во судот и да вршат увид во предмети. Тој ден беше зголемена безбедноста во судот, бидејќи на јавна седница се разгледуваше жалба на осуден на доживотен затвор, па поради тоа беше и ограничено движењето. Писмено им објаснив дека дополнително ќе бидат известени кога и дали ќе можат да извршат увид во предметот, ни изјави претседателот Вангеловски.

Од Советот пак велат дека овој начин на однесување на Јово Вангеловски претставува спречување во вршењето на овластувањата што ги има Комисијата.

– Во конкретниот случај со неовозможување на увид во списите заради прибавување податоци и докази кои се од интерес за утврдување на фактите во врска со утврдување одговорност на судиите кои постапувале по предметот „Таргет-Тврдина“, направена е повреда од страна на претседателот на Врховниот суд, за што овој Совет ќе поведе и кривична постапка за негова одговорност пред надлежниот јавен обвинител – пишува Поцевски во неговото обраќање до јавноста.

В.В.