Новиот директор на ЕЛЕМ затекнал превработеност и милиони евра потрошени за адвокатски услуги

by fokus

Главна карактеристика во Акционерското друштво Електрани на Македонија е прекумерната непродуктивна превработеност, велат од Владата која на вчерашната седница осебено внимание посвети на информацијата за затекнатата состојба во оваа компанија.

Новиот директор на ЕЛЕМ, во компанијата затекнал високи трошоците за плати хонорари и за лица ангажирани преку авторски договори. Во акционерското друштво вкупно вработени се 5489 лица. Минатата година само по основ на плати, хонорари и договори биле потрошени 56,8 милиони евра, велат од Владата.

Претходното раководство направило особено високи трошоци за услуги на адвокатски канцеларии во земјава и странство. За само три години трошоците за овие услуги достигнале 2,5 милиони евра.

ЕЛЕМ во следниот период ќе подготвува информација за состојбата до која е доведено акционерското друштво, со цел, велат од Владата, јавноста да биде запознаена со деталите. Претходен директор на ЕЛЕМ, беше Христијан Мицковски, сегашен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Според анализата која ја подготви новото раководство на ЕЛЕМ, производството на електрична енергија е во континуирано опаѓање, додека, пак, потрошувачката на јаглен и мазут, по произведен мегават електрична енергија, е во постојан пораст. Ваквите состојби, велат од Владата, навестуваат најниско производство на електрична енергија во историјата на компанијата.

„Оваа нелогичност во работењето на ЕЛЕМ, според согледувањата во информацијата, се должи на несоодветната ревитализација на соодветните капацитети за електрична енергија, како и на недомаќинското работење со склучување на скапи договори со надворешни компании од поранешното раководство“, велат од таму.

Како заклучок на вчерашната седница, Владата му препорачала на новото раковдство да предложи излезни решенија за оваа ситуација во која се наоѓа компанијата и да ги стави во употреба сите капацитети за да го зголеми производството на електрична енергија за да се избегнат евентуални проблеми со недостигот на струја.

 

Поврзани новости