Уште пред два месеци, поштарот З.С., кој е осомничен за двојното убиство во Вевчани што се случи вчера околу 21 часот во кафеаната Пјаца, му се заканувал на еден убиените, раскажуваат очевидци за Фокус.
Очевидецот, кој е роднина на еден од убиените раскажува што точно се случило вчера, кога осомничениот влегол со пиштол во кафеаната и испукал цел шаржер кон гостите. Животите ги загубија Владо Попески, сопственик на кафеаната Пјаца и Матеј Ѓурчески, а ранети се и Илија Пржитоски и Горан Коруноски. Еден од убиените починал во кафеаната, а вториот на пат за болница. Двајцата тешко ранети се хопитализирани во струшката болница и во охридската болница Свети Еразмо.
„Убиецот е поштар кој 20 години немаше дојдено во Вевчани. Се зборуваше дека дојде во Вевчани зошто во Хрватска бил баран за тешка кражба, а имал и многу долгови. Пред два месеци отишол да уплати ливче во кладилница, која беше во сопственост на Владо. Но, паднат бил системот и Владо се обидел да му објасни дека не е можно да се уплати во моментот, а човекот збеснал. Го фатила хистерија. Почнала расправија и Владо го плукнал. Поштарот ја напуштил кладилницата со зборовите: Ти мене ќе ме запамтиш! Поминаа два месеци, и еве, се случи ова што се случи“, раскажува роднината на Попески, кој вчера бил на лице место кога се случила трагедијата.
Тој раскажува дека Попески седел на маса во „Пјаца“ со лица на возраст од 21 – 30 години.
„Човеков влезе и почна да пука. Почнаа да летаат маси и столици, а поштаров, кога ги изврши убиствата, почна да се дере низ цело село: Го убив копилето, нема да имате веќе проблеми“, раскажува очевидецот.