Три часа во пријатна атмосфера разговарале вчера Димитров и Коѕијас

by fokus

Три часа траела вчерашната средба меѓу шефовите на македонската и грчката дипломатија, Никола Димитров и Никос Коѕијас. Грчките медиумите денеска информираат дека разговорите се одвивале во пријатна атмосфера и добра клима.

Коѕијас и Димитров синоќа беа фотографирани во познатиот виенски ресторан „Соле“, кој е сопственост на Аки Нуредини, познат виенчанец родум од Камењане, Тетовско.

Денеска, пак, се очекува средба со медијаторот, Метју Нимиц, на која ќе се разгледува правна форма на договорот што ќе ја предложи посредникот во преговорите. Според грчката новинска агенција АНА-МПА во правната форма ќе има празни места за спорните прашања.

„Според досегашните информации, Нимиц ќе биде тој што прв ќе се обрати и ќе ја претстави правната форма, врз база на која ќе се достави можниот иден договор на двете страни во ОН, со празни места ЗА спорните прашања, како што е името. Потоа ќе следи претставување на ставовите на двајцата министри за надворешни работи и преговори за позициите“, пишува грчката новинска агенција и додава дека преговорите во Виена се очекува да траат долго, ако се суди според минатиот состанок што траеше седум часа.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, средбата закажана за 09:30 часот, според информациите на АНА-МПА, ќе се одржи во Министерството за надворешни работи на Австрија, а не во седиштето на ОН, бидејќи канцелариите се затворени поради католичкиот Велигден.

Поврзани новости