Советот го одложи изборот на тимот на Јанева

Советот на јавни обвинители го одложи избор на јавните обвинители кои Катица Јанева ги предложи да го составуваат нејзиниот тим, кој треба да работи на расчистување на сомнежите за криминал што произлегоа од бомбите на опозицијата. Наместо денеска, изборот ќе биде направен следната недела.

Како што соопшти Советот, изборот е одложен, бидејќи се чека прво да се донесе персонален и финансиски план за работа на специјалното јавно обвинителство. Финансискиот и персонален план ќе биде поднесен до Владата, Советот и Собранието деновиве, по што наредната недела ќе се одлучи за листата од кандидати.

Специјалната обвинителка предложи тим од 14 обвинители, но Советот не мора да ги прифати сите. За јавноста, најспорна е обвинителката за организиран криминал и коруција Лиле Стефанова.  Таа ги застапуваше обвиненијата во „Шпион“, „Ликвидација“, „Фаланга 2“, „Машинопромет“, „Кражба во музејот“, а сега го има и досието „Маѓар Телеком“. Поголем дел од нејзините случаи се со политичка димензија, или барем така беа коментирани во јавноста. Дополнително, како помошник обвинител таа се појавила и во процесот „Пуч“.