ДОМ: Од Избирачкиот список да се исфрлат фантомските гласачи!

by Фокус

Партијата ДОМ е загрижена што еден ден пред истекот на рокот за усогласување на изборниот пакет, преговарачите од големата четворка не успеваат ни да ги приближат ставовите.

– Наместо тоа, слушаме чудни предлози за изборен модел со бонус пратеници, за одење на избори со непрочистен список поради „недостиг на време“, без сериозна контрола со отпечаток од прст, за странци во ДИК и сл, реагира ДОМ.

ДОМ смета дека на преговорите доминираат теснопартиски надмудрувања и не се води сметка за јавниот интерес.

– Час поскоро треба да се организира граѓански трибунал, кој ќе ги следи и јавно дебатира важните процеси на политичката сцена, за да се дојде до состојба на нормалност! Сметаме дека е добра идејата што проструи од Правниот факултет, за да можат граѓаните да ги контролираат состојбите, кои полека навлегуваат во сива зона и се губи довербата во процесот и во некои од протагонистите, се вели во соопштението на ДОМ

Од партијата ја повторува нивната позиција, а тоа е една изборна единица со отворени листи и еднаков број жени и мажи на нив, со електронско гласање на дијаспората. ДОМ бара и темелна ревизија на Избирачкиот список и исфрлање на сите стотина илјади фантомски гласачи, за кои се слушна од бомбите. Бараат и контрола на гласачите со е-отисок од прст.

Партијата е против странски државјани во ДИК, за да не се делегитимира државата.

– Тоа не би придонело за поголема објективност на ДИК, туку би било вовед во нови преговори, овојпат, за изборниот резултат! А изборниот резултат не се преговара, ниту се пазари, тој треба да биде само констатиран, според волјата на гласачите, дополнува ДОМ.

Поврзани новости