Советниците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ побараа ревизија на работењето на Дамјановски

Советниците од власта и опозицијата во Советот на Општината Куманово, поддржани од градоначалникот Максим Димитриевски од СДСМ, донесоа одлука да се направи ревизија на материјално-финансиското работење на Општина Куманово, додека на власт беше Зоран Дамјановски – Циц, пренесе СДК. Предлогот беше поднесен од опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи сметаат дека општината е во големи долгови како резултат на незаконско работење.

Каде се трошеле парите на граѓаните во Општина Куманово побара советникот од ГРОМ Зоран Петрушевски, кој истакна дека бил мотивиран од обвинувањата на Димитриевски додека беше кандидат за градоначалник дека ќе се бори против урбаната мафија, криминалот и бирократијата во Општината.

„Во изминатите години цената на превоз по ученик во Куманово изнесуваше 230-250 евра, за разлика од останатите општини каде сумата беше околу 100 евра. Дополнителен мотив е што општината е финансиски блокирана и должи 160- 170 милиони денари“, изјави Петрушевски.

Градоначалникот Димитриевски рече дека секојдневно ја следи финансиската состојба во Општината, но за жал немало забелешки во ревизорските извештаи.