Со клучевите на „спасителот“ на Села биле отворени вратите на Собранието?

Деталите до кои дојде ТВ21 велат дека на 27 април попладнето, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сега осомничени за насилството во Собранието, ги зеле клучевите од поранешниот полицаец, Фетах Алими и ги отвориле вратите  за да влезе толпата која подоцна физички нападна пратеници и новинари. Обвинителството за организиран криминал го бара Алими , еден од шестемина по кои сѐ уште се трага , од групата со вкупно 36 лица, но дека сепак  не е активирана меѓународна потерница.

Од Обвинителството не даваат детали за кое дело  е осомничен поранешниот полицаец Фетах Алими, бидејќи случајот е во истражна постапка. Но, неофицијално дознаваме дека тој се товари за издадена незаконска наредба, односно дека клучевите се земени од неговата врата.

На фотографија на социјалните мрежи се гледа дека Алими е надвор од државата, заедно со Зијадин Села, лидерот на Алијанса за Албанците, во чие спасување на 27 април и самиот учествуваше.  Неговата сопруга, вели дека тој е на средба со Зијадин Села во Швајцарија, а Обвинителството додава дека се во контакт со полицаецот.

„Кога сакавме да се вратиме, пред една недела, Села дојде во Швајцарија, во Цирих и се сретнаа со Фетах. Села замина за Америка, а Фетах рече дека не може да се врати туку дека ќе мора да го почека Села, да се вратат заедно“, рече сопругата на Фетах, Нурије Алими.

Вечерта на 27 април, Фетах Алими беше на должност , делегиран од полицискиот оддел за  обезбедување. Во мај беше суспендиран, а сега е отпуштен од работа.