Семејството на Тоше благодарно што владата ќе му го изгради гробот: Судбината прерано ни го зеде!

Семејството на Тоше Проески е задоволно од одлуката на новата Влада да одвои 10 милиони денари од буџетот за 2018 година, за изградба на спомен обележје во Крушево.

Славен Ристески, сопруг на Дора, сестрата на Тоше, во телефонски разговор ни кажа дека роднините на прерано починатата музичка ѕвезда се благодарни поради оваа одлука.

,,Родителите на Тоше, а секако и сите останати блиски роднини сме задоволни што владата одлучи да одвои средства за спомен обележјето на Тоше. Од претходната Влада имаше изработено решение како би изгледало неговото гробно место, се уште не знаеме дали ќе се гради според истото решение, или пак во план е некој друг проект. Како и да е, благодарни сме’’ – вели Ристески.

Неофицијално, во склоп на Меморијалниот споменик, првично било планирано да се изгради скулптура со ликот на Тоше и црква. Славен додава дека сака да упати посебна благодарност кон министерот за култура Роберт Алаѓозовски, поради тоа што наредната година, на 25 јануари, на роденденот на Тоше, министерството ќе го поддржи одржувањето на голем концерт во Скопје.

,,Министерот Алаѓозовски вети финансиска помош за одржување на роденденски концерт во Скопје, во јануари, и драго ни е поради тоа. Тоше останува да живее преку музиката, преку песните и споменот за него, кој што го негуваат неговите фанови. Да беше жив, ќе полнеше 37 години. Судбината прерано ни го зеде, но неговите почитувачи не дозволуваат да згаснат сеќавањата. Песните и неговите хумани дела никогаш нема да се заборават’’ – изјави Ристески.

Тоше, кој беше една од најголемите балкански музички ѕвезди трагично го изгуби животот во сообраќајна несреќа на 16 октомври во близина на Нова Градишка, Хрватска. Во изминатиов период во јавноста имаше голем број на реакции што тој и по десет години од смртта, се уште почива во импровизирана гробница, и како заслужува достоинствен Меморијален спомен.

Вики Клинчарова