Семејството на починатата легенда Милошевски со години чека стадионот да го добие неговото име

by Fokus

Вчера се навршија четири години од трагичната смрт на Петар Милошевски, спортски директор на фудбалската репрезентација на Македонија и македонски фудбалски репрезентативец, голман.

Веќе неколку години актуелна е иницијативата стадионот под Тумбе Кафе во Битола, родниот град на легендарниот голман, да се вика Петар Милошевски. Сепак, иницијативата сеуште е згалавена во административни процедури, и нема најава дали и кога би се остварила.

Музичкиот виртуоз Јован Милошевски, кој е роден брат на Петар, и живее и работи во Палма Де Мајорка за ,,Фокус’’ раскажува дека уште пред две години поднел молба до советот на Општина Битола.

-Уште пред две години ја поднесов молбата, која наводно требаше да биде изгласана на советот. Но, не добив никаков одговор. Имено, повторно некој од фамилијата требало да поднесе нова молба… Секако би го сторил тоа, доколку сум во Македонија. Имам доста обврски овде, па не сум сигурен дали ќе успеам да дојдам пред летово – вели Јован, кој неодамна ја сними ,,Song for my brother’’, песна посветена на Петар.

Минатата година во Македонија направи концерт за незаборав во чест на неговиот брат, по повод тригодишнината од неговата смрт.

-Брат ми е легенда и човечка големина со која Битола треба да се гордее. Уште како дете ги носеше дома другарчињата од улица да се најадат, секогаш правеше добри дела и помагаше. Остана ист и кога направи кариера и стекна слава – се присетува Јован.

Тој живее во Палма Де Мајорка уште од 1991 година и има свое музичко училиште. Професор е по гитара, зад себе има многу концерти, а пишува џез и рок музика. Во Шпанија дошол поради неговиот дедо Вангел, кој таму живеел од 1970 година.

Сопругата Јосра Зекири која е познат сопран ја запознал на концерт. Сепак, вели дека еден ден планира да се врати во Битола, оти не сакал да умре во туѓина. Неговиот брат Петар играше во ФК Вардар, Трабзонспор, Малатјаспор, Акчабат Себатспор и Еносис Неон Паралимини. Загина во автомобилска несреќа во 2014 година, на магистралниот пат Крива Паланка – Куманово, кај клучката во кумановската населба Карпош, на 41- годишна возраст.

Вики Клинчарова

Поврзани новости