Дали од тутунот на црно во Могила веќе 5-та година се богати ексградоначалникот на општина Могила од ВМРО-ДПМНЕ, Велевски Славко? Велевски, на кого Груевски му довери 16 години градоначалнички мандат, праша денеска потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски.
Тој покажа имотни листови, со денешен датум, од земјиштата каде Велевски на околу 9.500 м2 произведува тутунот на црно.
– Дали на вакви големи површини, на црно произведува тутун Пресилски Злате, вработен во Подрачното одделение на Министерството за земјоделство во Битола? Кој го откупува тутунот на црно? Кој го транспортира на црно? Дали се прават цигари на црно? Кој ги пакува, кој ги продава и каде? Дали луѓе блиски до власта намамиле чесни земјоделци од Могила, кои не знаејќи во што се впуштаат, засадиле од тутунот? За тутунот Вирџинија нема откупни центри. Се оди на црно. Како е можно Државниот инспекторат за земјоделство и МВР повеќе од пет години да не знаат што се прави во околината на Могила – праша Кирацовски.