Сања подарува фустани на матурантки: Судбината сакаше да не облечам матурски фустан!

by fokus

Фолк пејачката Сања Гроздановска подарува пет рачно изработени уникатни фустани на матурантки, кои што не можат да си дозволат да купат свечен фустан за својата матурска прослава. Вели дека според неа, матурската забава е значен дел од животот на секоја млада девојка,кој што се памети цел живот, па на свој начин сакала некому да му го разубави настанот.

,,Имам многу убави фустани кои што сум ги носела само еднаш, на некој фолк фестивал, и потоа останале во мојот гардеробер. Знам дека живееме во време кога не секој може да си дозволи скапа гардероба, дури и кога се матурските во прашање. Затоа, наместо да ми стојат фустаните во плакар, решив да израдувам пет матурантки, и да им ги подарам.

Матурата е дел од животот кој што се памети, кога се тргнува во зрело доба, треба да се обележи на убав начин. Ниту една матурантка не треба да замине на прославата со солзи во очите, поради тоа што не може да си дозволи убав свечен фустан. Сакам девојчињата да блескаат на овој значаен настан за нив, сакам да им донесам радост’’ – вели Сања.

Атрактивната пејачка вели дека лично таа никогаш не облекла матурски фустан, ниту пак славела матура. Средно училиште завршила вонредно, бидејќи се омажила млада. Токму поради тоа што го пропуштила тој дел од животот, дополнително се мотивирала да им ја разубави матурската на други девојки, кои што се соочуваат со финансиски проблеми.

,,Не сакам да зборувам за тој дел од животот и за чувството да не си заедно со школските другари, додека се слави матура. Никој не треба да го пропушти тоа доживување’’ – раскажува Гроздановска, која што живее во Скопје со ќеркичката од првиот брак и со сопругот Мартин, со кого што се венча пред неколку месеци, по подолга врска, а наскоро ќе добијат и принова.

Таа додава дека сите кои што се заинтересирани, а се високи околу 170 сантиметри и нивната конфекциска големина е С, слободно да и пишат на официјалниот Фејсбук профил. Од се срце ќе им излезела во пресрет.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости