Разрешувањето на Зврлевски може да се развлече до крајот на септември

by fokus

Се има свој крај, вклучувајќи ја и расправата во парламентот за разрешување на првиот човек на јавното обвинителство, Марко Зврлевски, кој новата Влада одлучи да го смени поради нестручност и непостапување. Откако решението за разрешување влезе во собраниска процедура помина речиси еден месец, а ни половина од пратениците кои се јавиле за збор не го искористиле ова право. Зврлевски е последниот бастион од претходната власт кој го одминуваат брановите кадровски промени, затоа што за негово разрешување е надлежно Собранието.

Остануваат 30 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да излезат на говорница и да ги искористат своите 15 минути. Од владеачката партија велат дека ќе се откажат од ова право со цел расправата да не се одолговлекува повеќе од потребното.

– Пратениците на СДСМ ќе се воздржат од дискусија за да може Зврлевски што поскоро да биде разрешен – вели пратеникот од СДСМ, Петре Шилегов.

И покрај нивната определба да не одат на одмор се додека не го сменат Зврлевски, пратениците од СДСМ изгледа нема да имаат друг избор. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, неколкупати најави дека не може да им го ускрати правото на пратениците за годишен одмор и дека расправата ќе биде паузирана, па се поверојатно е дека Зврлевски останува на чело на ОЈО и за време на одморите.

Собраниските служби велат во оваа фаза е тешко да се процени колку време ќе трае расправата по оваа точка.

– Со ваквиот начин кога имате 10 пратенички групи од една партија и кога секој може да си реплицира, тешко е да се процени колку време би траела расправата. Пријавени за збор се уште 30 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, по десет минути, тоа се триста минути. Но кога ќе ги додадете репликите и контрарепликите, потоа барањето за паузи и процедурални забелешки тешко е да се дојде до било каква проценка – велат од Собранието.

Груба пресметка според механизмите кои им стојат на располагање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ според Деловникот, дебатата за разрешување на Зврлевски не би можела да трае повеќе од две недели, но доколку расправата се одвива без дополнителни попречувања.

30 пратеници имаат право на збор во траење од 10 минути. На секој правото на реплика им дозволува 3 минути, а контрарепликите се во траење од една минута. На координаторите на пратенички групи им е дозволено да побараат вкупно по еден час пауза, или за десет координатори од ВМРО-ДПМНЕ тоа се вкупно 10 часа. Процедуралните забелешки, пак, кои често ги користат, се во траење од три минути. Се на се, сметајќи ги моментите кога тајмерот не одбројува, непредвидливите ситуации, обраќањата на собранискиот спикер, дофрлањата, кавгите и јасните опструкции како окупирање на собраниската говорница, расправата не би можела да трае повеќе од 40 часа или осум дена.

Но праксата говори поинаку. Во просек едно обраќање на пратениците, вклучувајќи ги искористените реплики, контрареплики и процедурални забелешки, трае по три часа минимум. Од пратеничката група на СДСМ велат дека тоа се 90 часа за сите пратеници на опозицијата кои се јавиле за збор, или 100 часа плус десетте часа право на пауза по кординатор. Но дебатата може да сврти во погрешен правец, како што често се случува, што додава на минутажа. Освен тоа, пленарни седници се одржуваат до три пати неделно, и траат по околу пет часа. Оттаму, според нивните пресметки, расправата би траела уште 16 дена, или 5 недели, доколку нема поголеми опструкции. Поради тоа, изгледа дека опозициските пратеници можат до бескрај да ја развлекуваат расправата.

Не постои друг избор освен расправата да се истурка докрај според деловникот, велат од СДСМ. Постои опција за негова промена, како што се случи додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, но и таквиот обид може да биде опструиран со маратонски дискусии. Вчерашната седница, инаку, помина со реплики и процедурални забелешки на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ по говорот на Артан Груби од минатата седница одржана во понеделникот. Разрешувањето на Зврлевски продолжува во петок.

Маја Васева

Поврзани новости