Рауфи: УБК сокрила разговор меѓу Ахмети и командант НАТО, клучен доказ за „Диво Насеље“

„Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) направила селекција на прислушуваните разговори и сокрила дел од доказите кои се од клучно значење за овој случај“, обвини денес адвокатот Насер Рауфи во завршен збор на судењето за „Диво Насеље“, објави МКД.

Според порталот, адвокатот Рауфи посочил дека во овој судски процес изоставени се клучни докази, а тоа се разговори со високи политички и полициски структури, за кои самите обвинети признале дека постојат. Во завршен збор на денешното продолжение на судењето, адвокатот Рауфи побара да се обезбеди телефонски разговор меѓу сега убиениот Мирсад Ндрецај, алијас командант НАТО и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

„Постои телефонски разговор меѓу Мирсад Ндрецај и Али Ахмети, а за тоа знае и обвинетиот Анди Красниќи, кој бил во близина кога Ндрецај зборувал со Ахмети. И останатите обвинети кажаа дека имаат направено повеќе разговори од оние кои се објавени. Пропуст е и тоа што УБК не направила идентификација на гласовите, што е неопходно“ рече адвокатот Рауфи.

Судењето продолжува во понеделник со завршен збор на останатите обвинети и нивните бранители.

Во судскиот процес за случајот Диво Насеље на 37 обвинети им се суди за тероризам и терористичка организација. Во нападите на 9 и 10 мај, 2015 загинаа осуммина припадници на МВР, а околу четириесетина беа повредени.