Професионален војник: Подложен сум на тортура поради партиската припадност

by fokus

Додека за едни клучна е партиската припадност за да се вдомат во државни јасли, за други таа е причината секојдневно да се на чекор до отказ. Се зависи од тоа која боја ја има нивната членска книшка. На тортура поради неговата партиска припадност кон опозицијата, се сомнева професионалниот војник Небојша Костадиновски. Тој во АРМ се вработил во 2006 година, а за „Фокус“ објаснува дека проблемите му почнале пред неколку години.

-Тортурата на работното место почна во 2008 година, кога од родното место Тетово добив прекоманда во Охрид. По осум месеци, се сетија да ме вратат во Тетово, а потоа година и два месеци бев во касарната Илинден во Скопје. Ниту тоа не им беше доволно, па неодамна добив прекоманда во Кичево, повторно без било какво објаснување, вели Костадиновски.

Тој додава и дека два пати бил и на дисциплинска комисија за прекин на работниот однос, но останал на работното место бидејќи ништо не згрешил. Додека бил на уредно боледување, пак, со месеци не му била исплаќана платата, поради што поднел тужба, но по „добронамерен“ совет дека доколку не ја повлече, ќе го изгуби работното место, тој ја повлекол.

-Немам ниту една црна дамка во кариерата, а постојано сум соочен со проблеми, па затоа се сомневам дека некому му пречи мојата политичка активност, во приватното време, во општинската организација на СДСМ во Брвеница, вели Костадиновски, кој објаснува дека најновиот тригодишен договор со АРМ го потпишал во март годинава, но вели дека не знае дали ќе издржи до крај. Се сомнева дека постојаната тортура е притисок самиот да си замине.

Тој истакнува и дека досега неколку пати се пријавувал да замине на мировна мисија за Авганистан, но бил одбиван, додека некои негови колеги заминувале по три-четири пати.

-Во 2007 година целата моја чета замина во Авганистан, само јас не. И потоа сакав да одам, но ниту еднаш не ме избраа, вели нашиот соговорник, татко на две малолетни деца.

„Фокус“ уште пред неколку години пишуваше дека голем број од војниците кои заминуваат за Авганистан, мораат да платат мито од 2.000 евра, или да имаат голема партиска поддршка. Тогаш и Министерството за одбрана покрена истрага, но аферата немаше завршница. Големиот интерес на војниците за Авганистан трае и до ден денешен, поради добрата заработувачка од десетина илјади евра, за неколку месеци.

Додека едни минуваат низ сито и решето за да се вработат или да ја задржат работата, дел од оние постарите, пак, решаваат самоволно да си заминат од армијата. Од Независниот синдикат на војници предупредуваат дека секогаш имало поединци што ја напуштаат војската, но сега се случувало со засилено темпо и во поголем број.

-Немаме точна бројка, но слободно можам да кажам дека годишно стотина војници ја напуштаат армијата. До неодамна тоа го правеа откако ќе извадат бугарски пасош, па со него лесно заминуваа на работа во некоја од европските држави, но сега нагло си заминуваат притиснати од лошите услови и малата заработувачка, велат од Независниот синдикат.

Од Министерството за одбрана, пак, ни одговорија дека во последниве две години, 61 професионален војник доброволно го прекинале договорот за вработување.

На ваков чекор размислува и еден 37-годишен војник, со кого стапивме во контакт, кој вели дека многумина негови колеги веќе заминале на работа во Германија, во Данска или во Шведска.

-Во последно време од армијата најчесто си заминуваат возачите, бидејќи ние сме во речиси најлоша состојба. Тука работиме за 20.000 денари, ставајќи го својот живот и на другите во ризик, бидејќи управуваме со возила кои се технички неисправни, па често пати ни откажуваат и сопирачките. Еден колега едвај спаси жива глава, но направи материјална штета запирајќи го возилото, по што му беше наложено самиот да ја покрие од сопствениот џеб, вели нашиот соговорник кој сака да остане анонимен, бидејќи се уште е дел од армијата.

Возачите и синдикалците тврдат дека возилата на АРМ се нерегистрирани и неосигурани, поради што во случај на сообраќајна несреќа, сметката за плаќање им стигнува на домашна адреса, а не на адреса на АРМ. Според нив, осигурани се само цивилните возила и оние со кои се патува надвор од државата.

За разлика од војниците, од Министерството за одбрана и од АРМ тврдат дека возилата се регистрирани.

– Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија категорично демантираат дека „голем број од возилата на Армијата се неосигурени и нерегистрирани“. Процедурата за регистрација и осигурување се одвива согласно посебен Правилник за регистрација на возилата во АРМ и не постои отстапување од истиот. Истото важи и за моторните возила на АРМ со цивилни регистарски таблички кои се регистрираат согласно постојните законски прописи кои важат за сите возила во Република Македонија, ни одговорија од Министерството за одбрана.

Оттаму додаваат дека не можат да ни одговорат на прашањето со колку моторни возила располага армијата, бидејќи станувало збор за класифициран податок. Тврдат и дека сите возила им се во исправна состојба.

– Потенцираме дека во АРМ се пропишани стандардни оперативни процедури, според кои е строго регулирана употребата на моторните возила. Согласно процедурите, ниту едно моторно возило на АРМ не може да учествува во сообраќај доколку на истото претходно не е извршен преглед пред употреба. Наводите за употреба на возилата на АРМ без сопирачки или во неисправна состојба се целосно неточни. За покривањето на штетата во случај на сообраќајна незгода, пак, доколку надлежните органи утврдат дека возачот на армиското возило е виновен, Армијата кон тоа лице според важечките прописи покренува дисциплинска постапка и постапка за надомест на штета, велат од Министерството.

Тешката состојба во Армијата зависи и од тоа што Буџетот на Министерството за одбрана континуирано паѓа. Од 127 милиони евра во 2008 година, во изминативе неколку години е помал за над 30 милиони евра. Така, годинава буџетот изнесува речиси 92 милиони евра, а во 2014 година, од планираните 95,4 милиони евра, беше скратен на 90 милиони евра. Во 2013 година беше 92,3 милиони евра, а за 2012 година, од планираните 100 милиони евра, со ребалансот беше намален на нешто помалку од 90 милиони евра.

Во буџетската програма „Унапредување на безбедноста“, каде што главно се одвојуваат пари за Министерството за одбрана и за јакнење на безбедноста според НАТО стандардите, парите од година во година се намалуваа, па од 13 милиони евра планирани со буџетот за 2008 година, со ребалансот се намалија на 7 милиони евра. Минатата година, пак, за оваа намена беа издвоени 1,6 милиони евра, а годинава планирани се вкупно 1,1 милиони евра.

Воениот аналитичар Благоја Марковски истакнува дека веќе со години буџетот на АРМ евидентно тоне.

– Почнувајќи од 2005 година, кога буџетот на Министерството за одбрана изнесуваше 2,2 проценти од државниот буџет, тој секоја година се намалува и сега е 1,2 проценти, што е сосема недоволно за какви било активности, освен за исплата на плата и обезбедување храна. Земјите кои се во развој мораат многу повеќе да напредуваат на ова поле, за да ги достигнат современите стандарди на војските што ги имаат развиените земји. Вака власта покажува дека воопшто не е заинтересирана за НАТО интеграцијата и дека тоа не ѝ е приоритет, вели Марковски.

Тој додава дека, за разлика од постојаниот пад на буџетот на армијата, се зголемува оној на Министерството за внатрешни работи.

– Власта се води од логиката дека Македонија не е безбедносно загрозена од државите во соседството, па затоа нема потреба да вложува во армијата. Додека од друга страна, пак, се води од логиката дека треба да вложува во МВР, бидејќи полицијата ја чува власта од народот, нешто што очигледно им е потребно, заклучува Марковски.

 

Поврзани новости