Пардон, секој терорист не е муслиман

by Фокус 11:50
11:50

Фактот дека поедини терористи или терористички организации се претставуваат себеси како да се мотивирани за своите дела од одредена вера,  од љубовта кон еден народ или одредена идеологија, само докажува дека тие ги злоупотребуваат верата, народот или идеологијата на која што и припаѓаат. Злосторот дефинитивно нема вера и идеологија

Пишува  Х. Сулејман еф. Реџепи

- Advertisements -

Идентификувањето на било која вера или идеологија со тероризмот е сосема погрешен став. Разните префикси, меѓу кои, за жал, нај популарен  е префиксот “исламски“ кој што во последно време се употребува со толку многу леснотија од медиумите, едноставно не можат да ја одсликаат вистинската припадност на еден терорист или пак верската или идеолошка ориентација на една терористичка организација.

Тој што поставува бомби и убива недолжни луѓе, едноставно е злосторник. А бидејќи сакам да се обидам да покажам дека Исламот неправедно се поистоветува со тероризмот, некогаш од незнаење, а почесто злонамерно, го поставувам следното логично прашање: Ако се сложуваме  дека тероризмот е злостор, како е можно тој да има било каква врска со Исламот, со верата на мирот и милосрдието ?

Но исто така, тероризмот не можеме да го наречеме ниту “католички“, иако, да подсетиме, сите припадници на ИРА која што со децении сееше толку многу страв и ужас, беа католици. Euskadi Ta Askatasuna (Баскија и Cлобода) што во светот на тероризмот е позната како ЕТА, нема врска со Исламот, нејзините членови се исто така христијани. Да ли тероризмот на бољшевиците во Русија беше “комунистички“, “руски“, “славјански“ ? И, ако веќе повлекуваме паралели, ќе видиме дека,на пример, историјата на ВМРО е преполна со атентати и акти кои што може да се наречат терористички. Но да ли би било нормално во тој случај да говориме за “македонски“  или  “православен“ тероризам ?

Од друга страна пак, ако го погледнеме историјатот на тероризмот во Блискиот Исток, ќе звучи неверојатно за некого ама е потполно вистинито, произлегува дека првите терористички ќелии и организации воопшто немаат врска со Исламот, па дури ниту со Арапите. Имено, тие се еврејски и датираат од времето на стварањето на Израел и се идентифицираат главно со Irgun Zvai Leumi и  Lehi (Штерновата Банда),иако има факти дека и самиот Мосад изведувал терористички акции(на пример Аферата Лавон). Тие организации, интересно, ги напаѓале најмногу Британците а во нив членувале и подоцнежни премиери, председатели и генерали на Израел како Менахем Бегин, Бен Гурион и други. Само за подсетување: Во акција на Штерновата Банда во Ерусалим е уништен хотелот “Кралот Давид“ при што, покрај британски војници се убиени и арапски и еврејски цивили. Бројот на жртвите бил над сто. Таа организација го убила во друга прилика британскиот министер за Блискиот Исток, Лордот Мојни, како и меѓународниот посредник Бернадот со што беше спречен првиот обид за посредување меѓу Арапите и Евреите. И, дали некој некогаш се сретнал со изразот “еврејски тероризам“ ? Не верувам и не мислам дека треба да се употребува таков израз.

ЗЛОУПОТРЕБА НА ВЕРАТА

Во секој случај, фактот дека поедини терористи или терористички организации се представуваат себеси како да се мотивирани за своите дела од одредена вера,  од љубовта кон еден народ или одредена идеологија, само докажува дека тие ги злоупотребуваат токму верата, народот или идеологијата на која што и припаѓаат. Злосторот дефинитивно нема вера, национална припадност и идеологија.

Но, да се вратам на “исламскиот“ и “исламистичкиот“ тероризам. Луѓето кои што го употребуваат првиот термин алудираат на тоа дека некои терористички организации ја добиваат инспирацијата за своите дела директно од исламската вера, додека пак тие што го употребуваат вториот израз се на мислење дека Исламот се употребува за политички цели.

Меѓутоа, многу малку луѓе го слушаат внимателно гласот на муслиманската улема, на вистинските познавачи на Исламот кои што изричито тврдат дека Исламот го забранува тероризмот. А нивниот број е доминантен во однос на некои ирелевантни “верски водачи“ што се oбидуваат преку искривени толкувања на Куранот да ги реализираат своите цели.

Ставот кон војната во исламската света книга не е јасен само за тие што не сакаат да го сватат. Исто така, и хадисите на Пејгамберот Мухамед а.с. децидно налагаат во војна да не се убиваат заробениците, а ниту децата, старците и жените. Алаховит Пратеник, исто така вели дека муслиманите треба да покажат милост кон невините, а дури забранува и убивање на животни и уништување на стебла.

Но, сведоци сме дека сето забрането од Исламот, за жал, се случува и предизвикува реакции кои што се исклучиво штетни за муслиманите вопшто. Иако тврдам  дека многу работи околу и во врска со таканаречениот “исламски  тероризам“ се предимензионирани и дека Исламот не може да биде инспирација за ужасите на ИСИС и Ал Каеда, морам да го прифатам фактот дека обичниот човек немуслиман, незапознаен со пораките на Исламот почнува по малку да се плаши од него.

Значи, се случува токму спротивното од тоа што треба да се случува. Наместо да зрачи надеж и спас за човештвото, преку ужасните и нецивилизираните постапки на ИСИС и некои помали сателитски организации блиски до оваа организација, Исламот бива представен и се доживува како страшило и закана за светот. Интерпретирајќи го сосема погрешно значењето на џихадот, ИСИС всушност го напаѓа од внатре Алаховиот збор и наместо на удари од надвор, Исламот е изложен на канонада напади од организации што, на прв поглед, делуваат под неговиот плашт.

ИСИС КАКО ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛНА ОПАСНОСТ

Иако џихадот може да значи “света војна“, овој толку многу злоупотребуван збор има и други призвуци и значења Тој, меѓу другото, подразбира и лична мисија и труд кој што ќе придонесе Исламот да бележи подем. Значи, и учењето и студирањето може да бидат џихад, како и придонесот за технолошки, економски и научен напредок на муслиманското општество.

И, што е нај битно, во света војна не може да повикува било кој бидејќи тоа тогаш би значело анархија и безредие. Исламот се потпира на строго одредени правила, тој категорично ги отфрла  безредието и хаосот и повикува да се спротивставиме на такви појави. Дури постојат и конкретни примери кога Пејгамберот Мухамед повикувал муслимани и немуслимани заедно да се спротивстават на такви појави.

Во екот на борбите против ИСИС, во муслиманскиот свет се водат остри дебати и полемики околу тоа дали терористичките организации можат воопшто да се сместат под категоријата “политички ислам“. И додека поединци го застапуваат правото на ИСИС да ја креира политиката на муслиманите, огромен дел на арапската интелигенција како и државниот врв на арапските земји се на ставот дека таа организација представува “егзистенцијална опасност“.

Што се однесува пак до широките маси, тие многу јасно го отфрлаат секој облик на религиозниот екстремизам, било да е тој  сунитски или шиитски. Иако, треба да се каже дека еден дел на населението каде што владее ИСИС, смета дека таа организација поставува некој вид одбрамбен зид кон шиитската доминација давајќи му на сето тоа што се случува и димензија на сектарски конфликт.

Останува да се види што ќе се случува со ИСИС и нивните симпатизери, да ли тие ќе продолжат на овој начин да ја водат својата борба или можеби ќе ретерираат во своите ставови.

Историјата на тероризмот е преполна со примери што покажуваат дека и нај екстремните организации, на крајот на баладата разбираат дека стравот што го сееле убивајќи воглавно недолжни луѓе, не им ги донел очекуваните резултати. Тероризмот може само да предизвика неконтролирана реакција која што во името на “правдината“ ќе употребува репресија при што ќе страдаат и недолжни, при што ќе се кршат и човечки права и ќе се правда тортурата.

Поради сето кажано, како и поради многу не кажани работи што допрва треба да се расветлат, многу е јасно дека тероризмот во името на Исламот е неприфатлив и невозможен бидејќи тој настојува да го олесни човечкиот живот и да го направи по убав. А мислам дека денес на муслиманите не им е ниту многу убаво, ниту многу лесно. Не е ниту лесно ниту убаво да се живее со чувството дека другите се плашат од тебе и дека те гледаат како потенциален “активирач на детонатори“. Онаа идиотска констатација дека „ секој муслиман не е терорист, ама секој терорист е муслиман“ ја отсликува тегобата со која што се справуваат припадниците на Исламот.

Секој муслиман не е терорист и секој терорист не е муслиман. Сетете се на Карлос, на Бадер и Мајнхоф, на Црвените Бригади и на Тупамаросите, на тамилските тигри и на маооистичките ќелии низ Индија…

Поврзани новости