ГДОМ не организира никаков протест на 16 октомври , ниту контрапротест, тврди Александар Пандов за „Фокус“ по информациите на социјалните мрежи дека викендов е можно да има организирано собирање во Скопје, како реакција на опозицискиот марш закажан за утре.
На социјалните мрежи се споделува фотографија од смс порака со барање за присуство на настан , за кој е обезбеден превоз и за кој се прават списоци по месни комитети. Неофицијално, некои медиуми објавија дека преку неформални организации власта ќе организира собири, наводно против федерализација, дека ќе ја обвини опозицијата и нејзиниот лидер Зоран Заев дека сака да ја дестабилизира и да ја раздели државата, а на тој начин ќе го сврти вниманието од обвиненијата за милионски криминал и злоупотерби содржани во предметите на СЈО.
„Не гледам причина зошто би организирале контрапротест на протестот на опозицијата на 11 Октомври. Колку што разбрав ним им треба да се соберат и да покажат колку се силни сега пред избори. Таман работа тоа да биде повод или мотив за каков било протест или контрапротест. ГДОМ секоја недела организира поголеми собири низ повеќе градови, така ќе биде и оваа недела, но тие не се поттикнати од протестот на опозицијата ,“ вели Пандов, но не ја исклучува можноста да се случи голем протест, ако опозицијата продолжи да заговара федерализација на Македонија.
„Ако утре било кој истакнат член на СДСМ, или некој медиумски моќник заговара федерализација логично е секој Македонец да се спротивстави на таквите заговори. Во тој случај и нема да биде потребно граѓаните некој да ги организира, туку тие сами ќе излезат во одбрана на земјата. И во таков злучај нема да чекаме до 16 октомври или до некој одреден датум, тогаш веднаш би реагирале , вели Пандов.