Мицевски замина во Австралија – „Транспортер“ ќе почека, турнејата на „Молика“ не чека

by fokus

Групата „Молика“ ја започна својата празнична турнеја во Австралија, и покрај тоа што Џими Мицевски, фронтмен на групата и сопруг на вокалистката Анета е еден од обвинетите во случајот „Транспортер“ на Специјалното јавно обвинителство.

Пред еден месец тој побара од судот да се одложи следното рочиште за предметот поради веќе договорената турнеја, бидејќи ако не го испочитувал договорот, ќе требал да плати голема оштета. Тогаш расправата беше одложена, а наредната закажана за 13 декември.

И покрај тоа што специјалниот јавен обвинител, Трајче Пеливанов, во судот изјави дека постои можност од бегство доколку Мицевски ја напушти државата, музичарот и сопственик на транспортна компанија, набргу по судското рочиште изјави дека „Молика“ и покрај малите турбуленции, сепак заминува на турнеја, и како гостувањата во Австралија се нивна традиција со години наназад.

Тие ја започнале турнејата со концерт во Перт, а ќе настапат и во повеќето поголеми градови во Австралија, како Сиднеј, Канбера, Волонгонг, Мелбурн и други.

Во случајот „Транспортер“ се осомничени поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески и уште 20-тина лица за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола. Се товарат дека го оштетиле буџетот за околу 360.000 евра.

Вики Клинчарова

Поврзани новости