Осомничените во случајот „Трезор” се појавиле на сослушување во судот и веќе си заминаа, тајно како и што дошле, преку службениот влез за вработени.
На распит се појави и екс директорот на УБК Сашо Мијалков, но судијата не одлучи дали нему и на останатите тројца осомничени фунцкионери ќе му ги одземе пасошите.
Засега одлука падна само за екс началникот на Петтата Управа на УБК, Горан Грујовски, за кој судот одби да изрече мерка притвор.
Претходно денеска, Специјалното јавно обвинителство побара изземање на eдна од судиите на претходна постапка за предметот „Трезор“ поради релации со фирмата „Финзи”.
Како што дознава Фокус, СЈО бара изземање на судијката Елена Јосифовиќ поради сомневање во нејзината непристрастност, затоа што постоел должнички однос на едно правно лице застапувано од нејзиниот девер Ненад Јосифович кон фирмата Финзи.
Од Судот пак, велат дека ова е трето барање за изземање судија од страна на СЈО и го обвинија дека намерно ги одолговлекува постапките.
Инаку, во „Трезор” осомничени се вкупно тројца вработени во УБК и еден во МВР, кои се товарат дека проневериле над 862 илјади евра со набавка на опрема за прислушување од Велика Британија преку фирмата Финзи.