Македонија: Неправичен здравствен систем

by Fokus

Пишува: Владимир ЛАЗАРЕВИК

Одобрувањето средства за лекување на болни деца во странство не може да се решава одделно и популистички. Ако ФЗОМ или било која друга јавна институција, или пак политичка личност одделат пари или направат екстра јавен ангажман за да помогнат да се соберат средства за лекување за конкретен случај, тогаш за да градиме фер општество истото треба да го повторат и за сите други наредни случаи на пациенти кои се наоѓаат во слична здравствена состојба и би се појавиле во блиска иднина.

Сосема друга ситуација е кога граѓаните сами и доброволно собираат и донираат сопствени средства за да помогнат за конкретни случаи. Граѓанинот сам како единка, може да одвои колку сака и може средства за да помогне некому кому е потребна помош, и нема обврска (сем морална) или потреба да ја повтори истата постапка за некој друг пациент кој не го познава. Јавните институции имаат обврска да бидат конзистентни во носењето на одлуките.

Проблемот со политизирањето на одобрувањата за лекување во странство каде се прозвани јавни институци е дека не сите родители на болни деца се во можност или пак од различни причини не сакаат да ги комуницираат јавно своите фамилијарни здравствени проблеми. Тоа не значи дека ги немаат.

Во модерните општества често наидуваме на разбирливи несогласувања околу принципите, кои треба да управуваат со еден процес на поставување приоритети во распределбата на средствата наменети за здравство. На пример, некои од нас би сакале да им дадат поголема предност на оние кои се наоѓаат во најлоша здравствена состојба, некои пак повеќе би сакале да им помогнат на тие кои со мала помош ќе добијат многу повеќе.

Светските искуства во пристапот кон овие проблеми, на така наречена правична дистрибуција на средствата наменети за здравство, и во услови кога постои отсуство на консензус за принципите,  укажуваат дека единствено правично и легално решение е да се договори фер процес кој ќе гарантира дека сите случаи кои имаат слични здравствени потреби ќе бидат еднакво третирани. Клучни елементи во овој процес е да постои целосна транспарентност за основните врз кои се носат одлуките како и можност за ревизија и отповикување на истите  (Н. Даниелс, Харвард).

Развојот на моменталната дебата во нашето општество укажува на тоа дека кај нас не постои јасен процес при кој сите здравствени случаи имаат еднаков третман, и тоа континуирано го прави нашиот систем не фер и не правичен.

 

Поврзани новости