Кочо Андоновски: Телеграмата со сочувство за Орландо од Заев е храбар политички чекор

by fokus

Кочо Андоновски, програмски директор во ЛГБТ центарот за поддржка во Македонија, вели дека му симнува капа на лидерот на СДСМ, Зоран Заев затоа што упати телеграма со сочувство до Амбасадата на САД во Македонија, по повод нападот на геј клубот во Орландо, каде што беа убиени 50, а ранети 58 лица. Во телеграмата Заев изјави дека ужасниот терористички чин е сериозен напад врз основните човекови права и слободи како врвна универзална, цивилизациска вредност. Покрај Заев, од земјава, писмо со сочувство до американскиот амбасадор Џес Бејли испрати и Ивон Величковски, претседател на Либералната партија.

,,Изјавата на лидерот на опозицијата е токму тоа: лидерска! Храбар политички чекор кој мора да се поздрави и охрабри. Тоа е токму она што недостига кај нашите политички дејци, лидерство, отворањена патот кон поправедно и послободно општество за сите граѓани. Кај нас за жал сосема обратни процеси се случуваат последниве 25 години. Слабаците кои ги предводат политичките партии својот кукавичлук и бегање од реалноста го прогласуваат за патриотизам и бараат сите да бидат како нив: слабаци. Се надевам дека од шарената револуција најважна придобивка ќе биде еволутивниот процес, во кој сите заедно учиме за демократијата, за нашата моќ како граѓани и за важноста на солидарноста. Се надевам дека следниот чекор на лидерот на опозицијата ќе биде уште похрабар и ќе ги именува работите онака какви што се, дека освен за универзалноста на човековите права ќе зборува и за хомофобијата.,,

За разлика од г-от Заев, власта уште еднаш го покажа своето грдо лице и во овие моменти на солидарност која се шири низ целиот свет. Отсуството на нивна реакција само ја потврдува нивната поддршка на хомофобијата, нивната поддршка на насилството, кое ЛГБТИ Центарот го искуси многупати изминативе години. Најновите вести за напаѓачот од Орландо, за неговите скриени односи со многу луѓе од клубот Пулс врз кои пукаше, само укажува на психолошката комплексност на хомофобијата.,, – вели Андоновски за Фокус.

Бројни светски лидери го осудија нападот во Орландо, помеѓу кои Барак Обама, Владимир Путин, Папата Франциско, Франсоа Оланд, Џастин Трудо, Матео Ренци… Многу од нив го изразија своето жалење и осуда преку социјалната мрежа Твитер. Претседателот Ѓорѓе Иванов, најверојатно поради тоа што не е активен твитерџија, сеуште нема изразено сочувство за терористичкиот напад.

Вики Клинчарова

Поврзани новости