Не ме чуди ништо кога се во прашање вакви лидери кои се што досега рекле, се порекле. За нив нема ништо свето, освен функцијата, вели за „Фокус“ професорот Јове Кекеновски по информациите дека Груевски и Ахмети начелно ги усогласиле ставовите за двојазичноста и постигнале принципиелна согласност со ВМРО-ДПМНЕ за составување на нова влада. Овие неофицијални информации вчера ги демантира партијата на Ахмети најавуваќи дека кога ќе има договор тој ќе биде транспарентен.
Професорот Кекеновски утрово на својот профил на Фејсбук ја коментира и изјавата на Емил Димитриев, за кого вели дека е безгласен технички премиер, пратеник и генерален секретар на ДПМНЕ кој рече дека ,, логично било победник со победник да ја составува новата влада”. Првиот човек на ФРОДЕМ дирекно му се обраќа на Димитриев.
„Сега ти текна така перфидно да се повикуваш на Мајскиот договор од 2008 година кој твојот лидер во најголема тајност го потпиша со Ахмети. Досега збор не зуцнавте дека истиот постои и го криевте како најголема тајна. Да ја потсетам јавноста дека според документите објавени на Викиликс, Груевски побарал од Ахмети да му помогне да остане премиер, а за возврат да предложи Закон со кој борците на ОНА би добивале социјални пакети, како и Закон за употреба на албанскиот јазик како официјален јазик. Што сте спремни сега да продадете од националното само да опстанете на власт? Зарем остана уште нешто непродадено што би ви помогнало да си ја спасите кожичката?. Ајде да ве видиме квази патриоти до каде можете да одите со разнебитување на државава!? Го споменувате цело време Ќосето нели…?“, вели во својот коментар Кекеновски.