Ќе се вклучи ли и МПЦ во десоросоизацијата?

Пишува: Драган АЛЧИНОВ

Отец Ивица Тодоров го знаевме како еден од ретките свештеници на Македонската Православна Црква кој искрено се трудеше да го проповеда Евангелието. Честопати ги гледавме неговите настапи на телевизија и ги следевме неговите пишувања на социјалните мрежи во кои даваше објаснувања за религиските работи. Веројатно негов најголем проект е школата за веронаука во која ги поучуваше основите на христијанската вера. Со ова, Тодоров стана позитивен пример за свештенството во Македонија. И само можеме да се надеваме дека и други свештеници ќе ги следат неговите стапки.

Но, свесно или не, вчера отец Ивица се стави себеси и својот долгогодишен авторитет во служба на режимот на Никола Груевски и се вклучи во проектот за ,,десоросоизација’’ на Македонија со еден од своите ставови изнесен на Фејсбук, а споделен од медиумите и веб порталите. Фејсбук статусот на отец Ивица е всушност одговор на прашање поставено до него. А прашањето кое му било поставено на отецот било следново: ,,Отец Ивица, а која е вистинската цел на соросоидската пропаганда, кампања, активизам и енормното вложување пари?’’, на кое отецот одговорил дека целта е ментална и генетска мутација, испразнување на личностите од сите капацитети, забрзување на светската ентропија и зомбирање. Според отец Ивица ,,соросоидската кампања’’ ќе создаде нихилисти и безбожници, себецентрични и дрски егоисти кои ќе го негираат гревот и одговорноста. На крај, според отец Ивица целта на сево ова е да се создаде човештво без идентитет, односно без став, вредност и вистина. За да се избегне овој деструктивен проект на Сорос, отецот советува да се чита Светото Писмо. А како поткрепа на неговите ставови, отец Ивица поставил едно видео кое прикажува мал сегмент од протестите во САД кои се случуваа деновиве по повод инаугурацијата на Трамп. Во некоја чудна логика во стилот на Латас, отец Ивица ги поврзува анти-Трамп протестите со Сорос. Се надевам дека отецот не верува дека Сорос ја плати Мадона и Алек Болдвин (и уште многу други познати и екстремно богати личности) да излезат и да протестираат против Трамп.

Ставот на отец Ивица не може да се апстрахира од поширокиот општествен и политички контекст. Пред само неколку дена се формираше она трагикомично здружение ,,Стоп Операција Сорос’’, а Груевски веќе од одамна испраќа СОС сигнали тврдејќи дека сево ова што му се случува е масло на Сорос. Не велам дека отец Ивица е инструиран да се вклучи во машинеријата на ДПМНЕ, но таа опција секако дека не може ни да се исклучи како невозможна имајќи го во предвид влијанието на МПЦ и на отец Ивица врз народот. Имајќи го во предвид авторитетот на отец Ивица, како и пропагандната машинерија на ДПМНЕ која застана позади него, лесно можам да замислам како овој став сега ќе се шири по весници и телевизии. И можеби Сарма нема да се осуди да каже дека цела МПЦ застанала во анти-Сорос кампот, но на просечниот македонски граѓанин тоа баш така ќе му изгледа.

Разочарува тоа што човек како отец Ивица се става себеси во улога на пропагатор на тезите на Режимот. Човекот кој дал завет дека ќе го проповеда Христовото Евангелие одеднаш се претвора во пропагатор на тезите на еден неправеден режим. Свесно или не, отец Ивица стана адвокат на целиот криминал и корупција на ДПМНЕ, премолчно поддржувајќи ја тезата дека копнежот по правда и слобода е масло на ,,мистичниот Сорос’’- кој пак единствено сака да создаде безлични и грешни личности. За жал, отец Ивица не е единствениот свештеник кој јавно зазеде страна во политичката битка. Пред неколку дена, на празникот Водици свештеникот од Кавадарци во текот на самиот обред пред насобраниот народ првин го пофали градоначалникот за неговата работа, а потоа изрази молитва до Бога да му помогне на градоначалникот од ДПМНЕ повторно да победи на претстојните локални избори.

Коментарите под Фејсбук статусот на отец Ивица се показател за тоа како е разбрано ова писание на отецот, а показател се и за тоа како воопшто се сфаќа анти-Сорос пропагандата во земјава. Мнозинството коментари сведочат за ниското ниво на култура на дебата и плурализам на мислата. Секој еден кој не се согласува со отецот е наречен сатанист и се изразуваат сомнежи во неговиот национален идентитет и христијанска вера (со прашања од типот: ,,Македонец ли си? Христијанин ли си?’’). Од друга страна, има огромно разногласие меѓу оние коментатори кои се согласуваат со отец Ивица. Едни се против Сорос, други се против капиталистичкиот систем, трети се само против наводното соросово вмешување во домашните работи на Република Македонија, четврти коваат нови и незамисливи теории на заговор; но дефинитивно најбројни се оние кои немаат никаков став, а единствено шират омраза. Заедничка карактеристика за сите коментатори-поддржувачи на отец Ивица е тоа што сите се одликуваат со тешка арогантност, игнорантност и омраза кон различните. Ним ништо не им значи вистината. Не ги интересира тоа што анти-Трамп протестите не се финансирани од Сорос. Не им значи ништо тоа што анти-Трамп протестите прикажани на видеото постирано од отец Ивица се анти-капиталистички. Не им значи ништо ни тоа што самиот Трамп е милијардер. Ним ништо не им значат фактите и бројките. Не им значи ни тоа што Сорос низ светот, но и во Македонија инвестирал милијарди во проекти за здравствена заштита, за социјална мобилност, за подобрување на животите на лицата со попреченост, за балансирано информирање, за бесплатна правна помош на ранливите категории и за што ли уште не! Ним им е важно само да се мрази, да се плука, да се осудува. Ептен христијански, зар не?

Од друга страна, не можам да го негирам правото на отец Ивица да има свој став по општествените прашања. Напротив, јас би сакал тој (и другите свештеници на МПЦ) почесто да излегува во јавноста со свои видувања. На пример, би сакал да го видев отец Ивица со негов став по однос на проектот ,,Скопје 2014’’. Можеби ќе ја потсетеше власта на Божјата заповед која забранува правење идоли и кипови. Би сакал отецот да излезеше јавно и да го искажеше својот став за тепаните пратеници во Собранието на Република Македонија. Или за обидот за сокривање на убиството на Мартин Нешковски. Или за неажурноста на институциите за смртта на малата Тамара. Или за негрижата на властите за поплавата во Стајковци и за смртта на 20тина луѓе како последица на тоа. Или за наодите од ,,бомбите’’ во кои многу јасно чувме за моралната деструкција која ја зафатила власта и за пошироката морална корозија која го зафатила нашето општество.

Сосема за крај, се надевам дека МПЦ барем еднаш ќе покаже социјална одговорност и јавно ќе се откаже од ставовите на својот свештеник. Од она што можевме да го заклучиме, отец Ивица не е некој маргинализиран свештеник, туку човек со широко општествено влијание. Доколку МПЦ не излезе во јавноста и не ги укори овие свои свештеници (Ивица Тодоров и кавадаречкиот свештеник), ќе бидеме приморани да заклучиме дека и МПЦ се вклучила во очајниот лов на вештерки наречен ,,Десоросоизација”. Исто така, се надевам и дека МПЦ ќе се вклучи во решавање на општествените проблеми. Засега единствено ги гледаме свештениците на телевизија кога зборуваат против коледарските огнови, а рака на срце- мораме да признаеме дека коледарските огнови не се најголемиот проблем на македонскиот народ. Се надевам и дека отец Ивица свесен за својот авторитет во иднина ќе внимава на своите изјави и истовремено имајќи на ум дека неговите ставови ќе бидат презентирани во пропагандните медиуми на Режимот и ќе послужат за легитимизација на криминалот и неправдата. Сакам да верувам дека отец Ивица не посакува да биде инструментализиран во такви цели.