Ќе и’ даде ли Грција шанса на Македонија?

by fokus

Пишува: Драган Алчинов

Проширувањето на ЕУ се слави како најуспешната политика на Унијата. Процесот кој започна како интеграција на земјите од Западна Европа, почна да се шири кон сите насоки кога се докажа дека истиот во голема мера придонесува за мирот, стабилноста и просперитетот на земјите-членки. Успехот на европската интеграција се согледува и во тоа што Унијата е (според зборовите на поранешниот претседател на Европската Комисија Емануел Баросо) ,,империја без империјализам’’- односно се шири без да освојува нови територии и народи, а од друга страна и затоа што успева во новите земји-членки да транспонира политички, економски и правни реформи кои гарантираат долгорочен прогрес и демократија. Неслучајно европската интеграција котира високо на агендата на приоритети на сите балкански држави.

Иако членството во Унијата не е панацеа за сите болести од кои боледуваат земјите од Европа, сепак отварањето на перспективата за членство во Унијата има стабилизирачки и релаксирачки ефект врз ,,бурето барут’’. Затворањето на можноста за членство во Унијата, пак, има обратен ефект- води кон авторитаризам, нестабилност и регресија. Се чини дека ако на еден народ му се одземе перспективата да биде дел од ,,Голема Европа’’, ќе му се отвори перспективата за ,,Голема држава’’.

Искуствата на Република Македонија изминатава деценија се најдобар показател за тоа што се случува со една земја кога ќе ја загуби надежта дека некогаш ќе се приклучи на големото европско семејство. Веднаш после грчкото ,,Охи’’ на НАТО Самитот во Букурешт 2008 година власта во Македонија започна со ширење авто-виктимизација и етно-национализам, кои пак се покажаа како сигурни патишта кон воспоставување на авторитаризам и мега-корупција. Тогаш стана јасно дека земјата нема да напредува во евро-атлантските интеграции се’ додека не изнајде решение за прашањето на името, спротивно на Резолуцијата 817 на Обединетите Нации и на Времената спогодба меѓу Република Грција и Република Македонија. Во само еден миг ЕУ загуби голем дел од својот кредибилитет, а со тоа и голем дел од своето влијание врз политичките процеси во Македонија. Република Македонија, пак, остана изгубена во Бермудскиот триаголник меѓу загубената европска перспектива, национализмот и корупцијата.

Во годините кои следеа обете страни се преправаа. Додека Македонија се преправаше дека се реформира и дека преговара со Грција, Унијата се преправаше дека ќе овозможи членство на земјата. Редовно, секоја година, земјата добиваше позитивни препораки од Европската комисија која предлагаше отпочнување преговори за членство кои исто така редовно беа игнорирани од Европскиот Совет. И како што вообичаено бидува, кулата од карти се сруши во еден миг.

Бомбите на Заев беа фронтален удар во таа општа хипокризија и го отпочнаа процесот на расветлување на вистинската состојба на нештата. Скандалот со прислушувањето ја разоткри длабоката метастаза на македонската држава, ги расчисти сомнежите и покажа кој е кој. Политичката криза која ја зафати Република Македонија ги покажа ефектите на одземањето на европската перспектива. Но, можеби најдраматичната последица на запирањето на процесот на европската интеграција се покажа на 27 април 2017 година кога народната толпа влезе во домот на демократијата и ги нападна демократски избраните народни претставници и новинарите во обид да го запре демократскиот процес на формирање на нова влада, притоа доведувајќи ја државата пред граѓанска војна и загрозувајќи ја регионалната стабилност.

Сега Македонија има нова влада- прогресивна, демократска и европска- која има силна волја да ги помрдне работите од место. Длабинските реформи, враќањето на процесот на демократизација, подигањето на економскиот стандард, подобрувањето на односите со соседите и откочување на процесот на евроатлантските интеграции се само дел од приоритетите на новата влада. Реформите кои стојат пред Република Македонија се екстензивни, тешки и долготрајни; затоа е потребна јасна перспектива и силна гаранција дека исполнувањето на тешките и непопуларни реформи ќе резултира со членство во Унијата.

Една од првите пораки кои новиот министер за надворешни работи Никола Димитров ги упати до грчките лидери е дека треба да си го постават прашањето дали сакаат да имаат стабилен, демократски и просперитетен сосед, алудирајќи на тоа дека веќе ја видовме и искусивме алтернативата на евроатланските интеграции. Но и покрај тоа, грчкиот пристап не ветува премногу. Денешната посета на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас упатува на контрадикторноста на генералната визија на Грција за Западниот Балкан со конкретните барања на Грција за финално решавање на спорот за името. Иако грчката страна е свесна дека влезот на Македонија во НАТО и ЕУ ќе придонесе за развојот на целиот регион, за продлабочување на економските врски и ќе ги отстрани сомнежите за иредентистички намери сепак не може да изнајде сили да ги потисне сопствените застарени, погрешни и популистички интерпретации за иредентистички барања од македонска страна.

Вреди да се спомене фактот дека во 1976 година после падот на Диктатурата на полковниците, односно падот на Грчката воена хунта, Европската Комисија не ја прифати грчката апликација за членство во Европската Заедница со раширени раце и предложи претпристапен период. Комисијата нотираше дека мора да се причека на целосна имплементација на европските стандарди зашто во спротивно одлуката за брз прием во членство ќе создаде проблеми и за Грција и за Заедницата. Сепак, поради глобалниот контекст карактеризиран од Студената војна, како и поради желбата за стабилизација и демократизација на земјата, Советот одлучи да ги отпочне преговорите за членство со Грција кои кулминираа со членство на земјата во Заедницата во 1981 година.

Грчкото членство во Унијата се случи не поради грчките заслуги туку поради европската солидарност и цврстата волја да се даде можност на земјата да тргне по патот на демократијата. И ако Европа успеа да направи исклучок и и’ прогледа низ прсти на Грција за ја стабилизира и демократизира, тогаш и Грција треба да биде доволно европска па да ни ,,прогледа низ прсти’’ и да ни ја даде истата шанса која и нејзе и’ беше дадена. Зашто алтернативата веќе добро ја знаеме.

Поврзани новости