АРХИВА: Матна водоводна спрега меѓу Техноскоп и комуналните претпријатија

by Фокус

Текстот е објавен на 28.04.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1125

Јавните комунални претпријатија од целата држава се групирани во непрофитното здружение на граѓани АДКОМ. Овластено лице на оваа организација на даватели на комунални услуги од 2010 година наваму е сопругата на сопственикот и сестрата на управителот на компанијата за трговија со водоводна опрема „Техноскоп“. Во истиот период, компанијата склучила бројни договори токму со комуналните претпријатија од целата држава во вкупен износ од над 10 милиони евра!

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Околу два проценти од територијата на Македонија се водена површина, што ја прави земјава подрачје со задоволителни водни ресурси, иако распределбата е доста нерамномерна. Водите се природна богатства и јавни добра, чие користење е од суштинско значење за економски развој на една држава, но и за задоволување на основните потреби на граѓаните. Целта на управувањето на водите од страна на властите е да се заштитат водите, да се подобрат водните ресурси, да се постигне достапност до доволно количество квалитетна вода за наводнување, за производство на струја, но и за конзумирање од страна на луѓето.

Што се однесува до водата за дистрибуција до домаќинствата и до други корисници, во Законот за води се наведува дека водата за конзумација до крајните потрошувачи се доставува преку домашен водоснабдителен систем – цевковод. Јавното водоснабдување на населението впрочем претставува снабдување со вода за пиење на повеќе од пет домаќинства, односно повеќе од 20 жители. Притоа, начелото на универзалност на водостопанските услуги се обезбедува преку недискриминација, квалитет и ефикасност, економски прифатлива цена и целосно покривање на областа на извршување на услугата.

Со новиот Закон за утврдување на цени на водните услуги, како и измените во Законот за енергетика, на Регулаторната комисија за енергетика и беше определена уште една надлежност токму во доменот на регулирање на цените на водните услуги, односно утврдување на тарифите за снабдувањето со сурова вода и вода за пиење, собирање и одведување на урбани отпадни води и пречистување на отпадни води. Досега, овие тарифи, односно цени се утврдувале од страна на комуналните претпријатија, градоначалниците и општинските совети, меѓутоа искуството покажало дека овој процес не бил секогаш ефикасен.

Со оглед дека јавните комунални претпријатија претставуваат природни монополи како даватели на водни услуги, регулаторот, како независна институција, од следната 2018 година треба да биде коректив на нивното делување. Се предвидува регулирањето на цените да им помогне на давателите на водните услуги подобро да ги планираат своите трошоци, да ја зголемат својата ефикасност и да ги подобрат квалитетот. А, за да се добие квалитетна услуга, неопходно е да се формираат цени кои ќе ги одразуваат оправданите трошоци на работењето на претпријатијата.

Во исчекување на имплементација на ваквите новитети во комуналниот сектор и водостопанските услуги, „Фокус“ открива една неколкугодишна спорна спрега поврзана со комуналните претпријатија, кои делат тендери за компанија поврзана со овластеното лице во здружението каде членуваат.

НЕВЛАДИНО ЗДРУЖЕНИЕ НА КОМУНАЛНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

Имено, јавните комунални претпријатија, кои од следната година ќе треба да испорачаат услуга по регулирана цена, најверојатно се единствените јавни претпријатија кои се групирани во здружение на граѓани. Станува збор за здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ, кое презема низа активности за унапредување на комуналната дејност во земјава. Оваа невладина и непрофитна организација практично ги здружува јавните комунални претпријатија од целата држава, така што денес брои 75 членки.

На официјалната интернет страница, АДКОМ посочува оти здружението ги застапува интересите на комуналните претпријатија и ги поддржува, помагајќи им со сигурни, достапни и квалитетни услуги од сферата на комуналната дејност. Главните прокламирани цели на здружението се тоа да стане моќно лоби на давателите на комунални услуги пред централната власт, да се надгради, афирмира и да продолжи да функционира како ефикасен центар за услуги на ЈКП, сите граѓани да добиваат навремени и квалитетни комунални услуги итн.

Како основни придобивки за нејзините членови, од АДКОМ таксативно ги наведуваат: подобрување на законската рамка која се однесува на комуналната дејност; промоција и застапување на заедничките интереси на своите членови пред извршната власт и трети лица; поддршка за институционално и организациско јакнење на општинските комунални претпријатија; вршење консултации и давање совети на своите членови во врска со тековни прашања од нивното работење; анализа на проблемите на комуналните претпријатија и предлагање решенија; учество во стручни советувања, конференции, работилници…

Фактички, се работи за невладино здружение, кое е составено и се финансира од јавните комунални претпријатија, што значи дека во име на граѓаните настапува и брани јавни и институционални интереси. Ова здружение е основна платформа на овие јавни претпријатија, кои, како што дознаваме, во голема мера ги игнорираат стопанските комори, каде функционираат здруженија и ограноци за комунални дејности, со цел зближување на комуналните претпријатија и приватните компании што делуваат во овој сегмент. Во таква ситуација, многу приватни производители и трговци со водоводна опрема неофицијално велат дека се обиделе да се зачленат во АДКОМ, за да бидат поблиску до комуналните претпријатија, меѓутоа нивните барања биле одбиени.

ВОДОВОДНИ ТЕНДЕРИ ВО МИЛИОНСКИ ИЗНОСИ

Податоците од Централниот регистар што ги обезбеди „Фокус“ покажуваат дека како овластено лице што го застапува здружението на даватели на комунални услуги, основано во 2004 година, фигурира Лолита Стојановска, која е поврзана со етаблираната приватна компанија за трговија на водоводни материјали – „Техноскоп“. Конкретно, Стојановска е сопруга на сопственикот на друштвото за трговија на големо со метална стока, цевки, уреди и друга опрема за водовод, Бошко Стојановски и истовремено сестра на управителот на оваа компанија основана далечната 1996 година, Димититар Поплазаров. Со оглед дека оваа фирма добила бројни тендери токму од комуналните претпријатија, кои се застапувани од блиска роднина на првите луѓе на компанијата, се поставува прашањето дали овде постои непринципиелно позиционирање на барем една од двете страни, па дури и судир на интереси гледано во поширока смисла?

Историјатот на промени покажува дека Јордан Милков од Кавадарци прво бил овластено лице на АДКОМ од формирањето во 2006 година се до 2010 година, кога на негово место дошла Стојановска. Една година претходно, пак, компанијата на нејзиниот сопруг, „Техноскоп“, почнува да добива тендери, главно од комунални претпријатија, со исклучок на неколку договори за јавна набавка склучени со министерства и општини. Така, пресметките откриваат дека во овој осумгодишен период компанијата инкасирала јавни средства во вкупен износ од околу 12,5 милиони евра.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, „Техноскоп“ најголемите договори ги склучил со Министерството за транспорт и врски. Првиот се однесува за набавка на куќни, повеќемлазни, ултразвучни водомери со поставување и вградување во систем за далечинско отчитување во водоснабдителниот систем на Пробиштип, склучен во 2015 година во износ од над 600.000 евра. И вториот договор со истото министерство е склучен во 2016 година за набавка на куќни, повеќемлазни, ултразвучни водомери и нивна интеграција во мобилна мрежа за далечинско отчитување, како и набавка на куќни, волуметриски водомери за мобилна и фиксна мрежа, во износ од речиси еден милион евра.

Дополнително, на официјалната интернет страница, во делот кај референтната листа, „Техноскоп“ информира дека соработувал со градежната компанија „Жикол“ на уште еден тендер од ова министерство за изградба на систем за водоснабдување на населените места Ваташа, Глишиќ, Марена и Сопот со пречистителна станица за вода за пиење, по принцип клуч на рака. Овој тендер бил вреден над 2,3 милиони евра, или за 683.000 евра повеќе од проценетата вредност на договорот, при што „Жикол“ бил задолжен за изведбените работи, а „Техноскоп“ за набавката и монтажата и пуштањето на системот во работа. Како што веќе пишувавме за „Жикол“, оваа компанија во сопственост на татко на советник во струмичкиот совет од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Пандев, во периодот од 2012 година наваму добила тендери од речиси 50 милиони евра!

СО РАСТОТ НА ЈАВНИТЕ ПРИЛИВИ РАСТАТ И ВКУПНИТЕ ПРИХОДИ

Безмалку сите останати јавни средства од околу 11 милиони евра во касата на „Техноскоп“ во последните осум години се слеале од водоводните претпријатија. Така, во овој период од 2009 година до денес, кога фирмата добива тендери, само со скопското водоводно претпријатие склучила договори во вкупна вредност од над четири милиони евра. Најголем договор меѓу двете страни е склучен во 2009 година за систем за далечинско отчитување на водомери во износ од над 378.000 евра, по што следи оној за набавка на систем за автоматско управување со фреквентни регулатори и софт-стартери во 2015 година од 281.500 евра итн.

Понатаму, компанијата склучила низа договори со комуналните претпријатија од други градови низ земјава – Прилеп, Велес, Кичево, Виница, Кавадарци, Крива Паланка, Пробиштип, Гевгелија, Радовиш… Меѓу поголемите тендери на „Техноскоп“ со комуналните претпријатија од внатрешноста на државата, кои се заглавени во длабоки финансиски проблеми, за издвојување е договорот со штипското комунално претпријатие склучен во 2012 година за набавка на шахти во износ од 328.500 евра. Исто така, треба да се истакне и договорот со струмички „Комуналец“ од 2013 година за набавка на лиено железни фазонски делови, затворачи и сл. за речиси 308.000 евра.

Инаку, финансиските извештаи на друштвото покажуваат дека тоа во последните години, паралелно со приливот на јавни средства, бележи и раст на вкупните приходи. Ако во 2009/2010 година, приходите на компанијата изнесувале околу 2 милиони евра, тогаш заклучно со изминатава 2016 година, тие пораснале на над четири милиони евра. Тоа значи дека во овој период приходите на компанијата се зголемиле за повеќе од двојно, но, како што растеле приходите, така се зголемувале и расходите, па на крајот од годината добивката на компанијата се движи во нормала од околу 650.000 евра.

Ниту од невладината АДКОМ, ниту од компанијата „Техноскоп“, до затворањето на овој број од весникот, не одговорија на нашите прашања во врска со нивната меѓусебна поврзаност. Но, упатените со кои разговаравме велат дека ова е контроверзна состојба, имајќи предвид дека, според нив, јавни комунални претпријатија се групираат во здружение на граѓани, раководено од лице во роднинска врска со сопственици на компанија со која, случајно или не, склучува бројни и вредни договори.

Како и да е, во меѓувреме многу рурални средини немаат водовод, а во многу градски делови водата тече низ дотраени мрежи со стари и штетни азбестни цевки, кои чекаат подобри времиња да бидат променети.

 

Бизнисмени тврдат
НЕМАМЕ РАМНОПРАВЕН ПРИСТАП ДО КОМУНАЛНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА

Од неколку приватни компании што се занимаваат со производство и трговија со водоводна опрема се жалат дека се дискриминирани, од причина што, истакнуваат тие, имаат ограничен пристап до комуналните претпријатија, за разлика од други, според нив, привилегирани компании.

Тие се организирани во невладиното здружение кое практично не прима приватни компании за непосредно да дојде до контакт меѓу двете страни, додека истовремено здружението го раководи лице кое може да влијае врз нив кога носат одлука за одредена набавка или ангажман. Од друга страна, стопанските комори примаат и приватни компании што се занимаваат со оваа дејност покрај комуналните претпријатија, меѓутоа тоа нема ефект во ситуација кога комуналните претпријатија, барем најголем дел од нив, го игнорираат, сметајќи го за целосно легитимно и репрезентативно здружението. За жал, за ваквата состојба придонесоа и централните власти, кои секогаш кога има консултации во врска со проект од ваква природа го почитуваат само здружението – велат нашите соговорници.

Поврзани новости