КАТНИ ГАРАЖИ Државните гаражи неколкукратно поскапи од приватните!

by fokus

 

„Македонска фаланга“, според пресметката на професор Мирослав Грчев, би требало да чини околу 1.663.200 евра, но Град Скопје потрошил 11.850.000 евра

Пишува:

Омер РУШИДИ

Катните гаражи изградени со народни пари се неколкукратно поскапи од тие каде што инвеститори се приватни компании. Зошто вакви разлики во цените на чинење и дали тука се крие злоупотреба на средствата, не успеавме да добиеме објаснување. Тие што одлучуваа за овие скапи објекти, Град Скопје и Општина Центар, не одговорија на нашите прашања.

За професорот на Архитектонскиот факултет, Мирослав Грчев, катните гаражи се само уште една „чешма за перење пари“.

,,Владата троши јавни пари за политички и идеолошки проекти на партијата на власт, за кои, според Уставот на РМ, се од централниот буџет и не смеат да се трошат“, вели Грчев, со јасен сомнеж дека власта краде пари што им припаѓаат на граѓаните на РМ.

ДОПОЛНИТЕЛНИ РАБОТИ

За споредба, зедовме податоци за три државни и за две приватни катни гаражи. Една од новите, таканаречена Хотел за автомобили, катна гаража „Македонска фаланга“ е инвестиција на Град Скопје. Според Бирото за јавни набавки, првиот договор со компанијата „Гранит“ бил на 10.500.000 евра. Меѓутоа, оваа сума пораснала со уште три договори за дополнителни и непредвидени работи од околу 1.200.000 евра. Со компанијата „Маклифт“, пак, посебно е склучен договор за набавки и монтажа на 4 типски лифтови од над 150.000 евра. Кога ќе се собере тоа, се доаѓа до сума од 11.850.000 евра.

Со оглед на податокот дека оваа катна гаража располага со 445 паркинг-места, плус 17 за лица со посебни потреби, излегува дека едно паркинг-место чини речиси 26 илјади евра. Професор Грчев направи пресметка, според која, излегува дека цената е многукратно зголемена, дури повеќе од шестпати поскапа од реалната.

„Според стандардите за планирање и проектирање на катните гаражи, за едно паркинг-место потребни се околу 30 квадратни метри изградена површина. Притоа, еден квадратен метар изградена површина од паркинг-гаража би чинел како неизѕидана карабина или ориентациски најмногу 120 евра градежна вредност на квадратниот метар, со што 30 квадратни метри по 120 евра би било 3.600 евра за едно паркинг-место“, објаснува Грчев.

Земајќи ја за илустрација токму катната гаража „Македонска фаланга“, која има 462 паркинг-места, професорот ја дава и конечната математика во разликата меѓу реалната и конечната цена:

„Излегува дека оваа катна гаража би требало да чини околу 1.663.200 евра, но Град Скопје потрошил 11.850.000 евра.“

За гаражата Тодор Александров со 650 паркинг-места, и 120 за велосипеди, пак, Град Скопје потрошил 12,6 милиони евра, а изведувач е „Бетон“. Гаражата Солунски конгрес има капацитет од 280 паркинг-места, и за нејзина изградба се потрошени 5,5 милиони евра, пари од Општина Центар.

ДРЖАВЕН РЕВИЗОР

Се обидовме да процениме: за колкав период би се вратиле овие инвестиции. Според направените пресметки, за 6 часа по 50 центи на час дневно се прават околу 3 евра или годишно 1.080 евра. Ова значи дека за да се вратат вложените средства за „Македонска фаланга“ потребни се 15 години, за Тодор Александров 9 години, а за Солунски конгрес приближно 7 и пол години. Оваа пресметка е направена според највисокиот стандард за преисполнетост на катните гаражи лоцирани во централните подрачја и градови, како што се Лондон, Амстердам, Париз и слично.

Но, драстичните разлики најдобро се гледаат кога ќе ги споредите со приватните катни гаражи. На пример, сопственикот на „Макоил“ потрошил 3.700.000 евра, а градбата ја вршела фирмата „Гранит Штип“. Или, катната гаража „Зебра“ на газдата на „Тинекс“, со 300 паркинг-места, чинела само 1.200.000 евра.

Се поставува прашањето: зашто приватна гаража чини три до 5 пати поевтино од државна катна гаража? Можна ли е злоупотреба на народните пари? Извештајот на Државниот завод за ревизија за 2014 година откри дека катните гаражи „Македонска фаланга“ и „Тодор Александров“ се граделе без да се испочитуваат одредбите од условите во тендерот.

Промашувањата на тендерската цена за двете гаражи била над 1,6 милиони евра. Само за „Македонска фаланга“, ревизорите откриле 5 договори за изведба на дополнителни и непредвидливи работи, а за „Тодор Александров“ дека сите анекси на договорот ја зголемиле цената на објектот за 650.000 евра, наспроти првично предвидената сума од 11,7 милиони евра без ДДВ.

Но, овие ревизорски не разјаснија: дали се кријат коруптивни мотиви во изградбата на државните катни гаражи, бидејќи немаше реакции од надлежните институции. За професор Грчев, сепак, тоа не е спорно.

„Пресметките покажуваат дека тие се употребуваат како параван за крадење јавни пари од страна на државно-партиската мафија на власт“, децидно и жестоко одговара Грчев.

Фактот дека приватните се далеку поевтини од државните, ја наметнува и дилемата, дали катните гаражи треба да се остават на приватни инвеститори! Со оглед на тоа што важат за комунални објекти од јавен интерес, кои се во надлежност на единиците на локалната самоуправа, експертите сугерираат да бидат изведувани и како јавно-приватна и приватна инвестиција.

Државни катни гаражи

МАКЕДОНСКА ФАЛАНГА– 11.850.000 евра (780 мил.денари)

 

ТОДОР АЛЕКСАНДРОВ – 14.000.000 евра (17 милиони евра според БИРН)

 

 

СОЛУНСКИ КОНГРЕС (Судска палата) – 5.500.000 евра

Приватни катни гаражи

МАКОИЛ 3.700.000 евра

ЗЕБРА 1.200.000 евра

Оваа истражувачка сторија е изработена во рамки на Проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права, финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Британската Амбасада во Скопје. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на ЕУ, Британската амбасада и на организациите кои го имплементираат проектот.

 

Поврзани новости