Во центарот на Скопје, кај Спортско-рекреативен центар „Кале“ ќе се гради барокен хотел, откако попладнево Министерството за транспорт и врски продаде државно градежно земјиште за 45 евра по квадрат преку електронска лицитрација. Почетната цена за оваа парцела беше 61 денар или околу евро по метар квадрат и наддавањето се вршеше во чекори од по 10 денари, за на крајот 3.742 м2 министерството да ги продаде за нешто околу 167.000 евра.
Според огласот најповолните понудувачи се должни фасадното обликување на објектите да го изработат во еден од стиловите на барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам. Пред издавање на одобрение за градење, потребно е Комисија формирана од страна на Министерот за транспорт и врски да ја одобри фазата архитектура од основниот проект. Објектот треба да биде висок 25 метра со подрум, шест ката и поткровје.
– Станува збор за една градежна парцела, наменета за изградба на хотелски комплекс со површина 3.742 м2 чија почетна цена на електронското јавно наддавање изнесуваше 61 денар од метар квадратен. Најповолен понудувач на одржаното електронско јавно наддавање е правното лице ГМ „Инвест Груп“ ДООЕЛ – Струмица со понудена највисока цена од 2.745 денари за метар квадратен, односно вкупно 10.271.790 денари (околу 167.000 евра) за целото земјиште – информираат од Министерството за транспорт и врски.
На лицитацијата имало уште шест наддавачи.
Најповолниот понудувач е должен во рок од 15 дена од денот на завршување на постапката за јавно наддавање да ги уплати средствата согласно постигнатата крајна цена од електронското јавно наддавање.
Во петок министерството ќе стави на аукција уште парцела во непосредна близина на која исто така може да се гради барокен хотел, додека денеска најверојатно пропадна наддавањето за земјиштето наменето за деловен простор за кое почетната цена беше 6.000 денари и кое исто така се наоѓа под скопското Кале. Во текот на оваа лицитација немаше ниту едно наддавање.
Деталниот урбанистички план за овој реон е донесен во декември 2012 година.