Граѓаните можат да се жалат за непрофесионално информирање во медиумите

by Фокус

Од денеска почна да функционира комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ), тело кое што ќе ги разгледува жалбите што сите граѓани ќе можат да ги поднесуваат за објавен текст или прилог на телевизиите, весниците или интернет порталите.

Жалба нема да може да се поднесе за автор на текстот, туку медиумот, бидејќи, како што велат од СЕММ, таква е практиката во голем држави каде што постојат вакви тела за саморегулација на медиумите.

Во комисијата за жалби членуваат сопственици на медиуми, претставници од невладиниот сектор, новинари. Претседател на комисијата е новинарот Мирче Адамчевски, а членови се Теофил Блажевски, Мери Јордановска, Беким Ајдини, Сефер Тахири, Филип Ѓурчиновски и Лидија Богатинова.

Секој граѓанин може да испрати жалба за одреден текст на електронската пошта info@semm.mk. Анонимните жалби нема да бидат разгледувани. Откако комисијата ќе ја разгледа жалбата (во рок од еден месец), доколку одлучи дека се повредени стандардите, јавно ќе го осуди медиумот кој не води грижа за професионалните стандарди во новинарството.

„Да се обидеме да ги заштитиме граѓаните и јавноста од непрофесионалните новинари и медиуми, да им помогнеме на сопствениците на медиумите да го избегнат ризикот да плаќаат баснословни казни поради нивниот непрофесионален уреднички и новинарски кадар и да си помогнеме себеси, на новинарската заедница, со јавна осуда за оние кои не водат грижа за етиката во новинарството. Знам дека во денешни услови во Македонија, ваквата цел некои ќе ја наречат донкихотовска. Но, тоа не ни дава за право да не се обидеме да направиме чекор во насока да ги одвоиме професионалците од непрофесионалците “, рече новинарот Адамчевски.

Ова тело беше подготвувано за работа девет месеци. Советот за етика се состои од Управен, Надзорен одбор и Комисија за жалби.

„Не е проблем само тоа што новинарите се соочуваат со проблеми при работата, туку и што граѓаните имаат недостиг од квалитетна и проверена информација. Токму затоа ги повикуваме сите граѓани да станат свесни дека ова тело е тука за да ги штити нивните права, а на тој начин да се подигне и квалитетот на работата во новинарството“, рече Катарина Синадиновска, претседател на Управниот одбор на СЕММ.

Кон средината на октомври и официјално ќе се одржи промоција на Советот за етика во медиумите, каде што и официјално ќе бидат презентирани надлежностите на првото тело за саморегулација на медиумите.

Насловната фотографија е преземена од порталот Телеграф, со дозвола од редакцијата

Поврзани новости