Претседателот Ѓорѓе Иванов на денешната средба со евроамбасадорот Аиво Орав, на која му беше врачен Извештајот за напредокот на Македонија, рече дека и годинешниот извештај на Европската комисија дава објективна слика на актуелните состојби во повеќе области во Република Македонија.
-Имајќи ја предвид огромната поддршка која интегративниот процес ја има од граѓаните на Република Македонија, политичкиот, меѓуетничкиот, социјалниот, и всушност целокупниот општествен консензус за интеграцијата во ЕУ, трансформативната моќ која ја има самиот процес, недвосмислено упатува на неопходноста со максимална сериозност сите општествени и политички фактори во земјата својата енергија да ја насочат кон надминување на забелешките од Извештајот, рече Иванов.
Тој додаде дека е неопходно да се промени „status quo“ состојбата во контекст на отворањето на пристапните преговори за членство.
-Крајно време е Република Македонија да ги отпочне пристапните преговори за членство во Европската унија. Треба објективно да се согледаат последиците од предолгото чекање. Политичките кризи се повторуваат и за жал секоја следна криза е со посилен интензитет и поопсежни последици, истакна претседателот Иванов на средбата.