Интервју со Аце Коцевски: На минатите избори ми ја украдоа победата, а на овие добивам закани за атентат!

by Fokus

Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС Каков резултат очекувате на претстојните локални избори во Велес и генерално на ниво на цела држава?
КОЦЕВСКИ Сите анкети на јавното мислење, направени по нарачка на неутралните медиуми, СДСМ и ВМРО, навестуваат убедлива моја убедлива победа уште во првиот изборен круг. Исто така, очекувам победа и во повеќето општини. Нашата победа е од исклучителна важност за развојот на политичките настани на национално ниво. Со победата ќе се зацврсти легитимитетот на централната власт, ќе се олабават блокадите во парламентот, со што побрзо ќе се донесуваат реформските закони, со што, пак, ќе се отворат перспективи за обезбедување подобар квалитет на живот.

ОД ОПШТИНА ЗА ПРИМЕР, ВЕЛЕС СТАНА КОРУМПИРАНА, ЗАДОЛЖЕНА И ЗАПУСТЕНА ОПШТИНА

ФОКУС Какво е вашето мислење и како го оценувате мандатот на вашиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Славчо Чадиев?
КОЦЕВСКИ Времето покажа дека Чадиев не е дораснат за толку важна и одговорна функција како што е функцијата градоначалник. Најголем доказ за тоа се лошите резултати од работењето. Затоа сега се обидува со валкана црна, гнасна кампања да ме оцрни во јавноста. Но, за среќа, Велес не е толку многу голем град. Сите нас помалку или повеќе граѓаните не познаваат. Добро знаат кој е кој, кој градел, а кој крадел. Кој работел чесно и одговорно, а кој ја злоупотребувал позицијата за лични и партиски цели, криејќи се зад четирите магични букви ВМРО и зад лажен патриотизам.

ФОКУС Која е разликата меѓу четирите години на Чадиев и времето кога вие бевте градоначалник на Велес?
КОЦЕВСКИ Четирите години на Чадиев треба што побрзо да ги заборавиме. Додека јас бев градоначалник, Општина Велес беше најдобра општина во Македонија, општина која ги освои најголемиот дел од домашните и меѓународните награди и признанија, беше општина за пример, без корупција, беше модел на македонска општина во процесот на децентрализација од која општините од Македонија и од Косово црпеа искуства. За жал, Општина Велес денес е сосема просечна општина, со огромна превработеност со заслужни партиски, нестручни кадри, како во општината така и во јавното комунално претпријатие, општина задолжена до гуша со долгови од околу 3 милиони евра, со голема корупција, особено во урбанистичката и комуналната сфера. Велес сега е обременета општина со низа проблеми и нерешени прашања како резултат на неисполнетите големи ветувања и на шарените лаги. Велес никогаш досега не бил толку запуштен, нечист, неуреден.

ВЕТУВАМ ЗАТВОРЕН ПАЗАР, КАТНА ГАРАЖА, ФАБРИКА ЗА ОТПАД…

ФОКУС Кои, според Вас, се најголемите проблеми со кои се соочува Велес – урбанистичкото планирање, инфраструктурата, животната средина…
КОЦЕВСКИ За жал, Велес има големи проблеми во повеќе области. Пред се, Велес нема современ затворен пазар. Има огромни проблеми со паркирање и гаражирање на се поголемиот број возила заради недостиг на паркинг-простор. Големи проблеми има и во одвивање на сообраќајот заради тесните и стрмни улици и проблеми со пристапот кон црквите „Св. Пантелејмон“ и „Св. Спас“. Потоа, сериозен е и проблемот со атмосферските води кои заради голелите ридови и стрмната конфигурација на теренот се слеваат на главната улица Благој Ѓорев, која тогаш се претвора во река. Во неколку населени места, се уште не е обезбедена здрава, чиста вода за пиење и асфалтни патишта. Загадувањето од Топилицата се уште не е целосно и трајно разрешено. Во областа на урбанистичкото планирање и легализацијата на бесправно изградените објекти, има многу пропусти и криминални дејанија.

ФОКУС Кои се основните елементи на вашата програма и кои ќе бидат вашите главни приоритети доколку стане градоначалник на Валес?
КОЦЕВСКИ Јас тргнав од најгоелмите проблеми со кои се соочуваат граѓаните и според нив ги дефинирав приоритетните цели. Изградба на современ, затворен градски пазар со паркинг-простор, катна гаража, неколку други паркинзи, колекторски систем со пречистителни станици, регионална фабрика за третман на цврстиот комунален отпад со претоварна станица во Велес, обезбедување на здрава чиста вода за пиење во населените места каде што тоа не е направено, повеќе фекални канализациони мрежи, нови училишта, продолжување на кејот на реката Вардар, гасификација на градот и многу други комунални зафати, особено во повисоките зони на градот и во приградските и селските населени места.

НА МИНАТИТЕ ИЗБОРИ СЕ СЛУЧИ КЛАСИЧЕН ИЗБОРЕН ИНЖЕНЕРИНГ

ФОКУС На минатите локални избори, го победивте Чадиев во првиот изборен круг, но во вториот круг загубивте. Што всушност се случи на претходните избори? Како дојде до пресврт?
КОЦЕВСКИ Јас сум морален победник на изборите. Заради заканите, уцените, заплашувањето и купување на гласови, беше изиграна избирачката волја на граѓаните. Се случи класичен изборен инженеринг. Заклучете и сами како е можно јас да победам во првиот круг со 300 гласови разлика во едно село и во друго со 173 гласови разлика, а во вториот да изгубам со 300 гласови или  со 174  гласови разлика. Како е можно луѓето само за 14 дена целосно да го променат ставот, ако не со закани, уцени и со пари, односно со многу пари. За среќа, сега граѓаните имаат можност да ја исправат голема неправда која ми беше нанесена.

ФОКУС Дали сега очекувате фер избори, со оглед дека за прв пат после 10 години нова политичка влада ќе ги спроведе изборите, на чело со партијата што ве кандидираше на изборите – СДСМ?
КОЦЕВСКИ Кампањата јавно на терен се одвива мирно, без провокации. Но, карактеристика на оваа кампања е многу валканата, црна, гнасна кампања што се води против мене, за што поднесов неколку кривични пријави. Имав две закани на фб дека ќе ми извршат атентат. Иако не ги сметам за сериозни, сепак, пред се заради безбедноста на моите деца, пријавив во полиција и се води истрага.

ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ТРЕБА ДА ОДГОВАРААТ ЗА НЕЗАКОНСКО ЗАДОЛЖУВАЊЕ

ФОКУС Како го оценувате фактот што голем број од општините создаваат големи долгови, вклучително и Велес? Дали планирате да го намалите долгот, или, пак, да го оддржувате на исто ниво или можеби да го зголемувате со цел реализација на проекти?
КОЦЕВСКИ Јас, како еден од креаторите на реформите во локалната самоуправа, сум за внимателност во задолжувањето на општините за да не се загрози нивната ликвидност. Задолжувањата мора да бидат согласно законот и во рамки на дозволените износи со согласност на Министерството за финансии. За незаконските долгови градоначалниците треба и мора да сносат одговорност. Моите намери се постепено да ги враќам долговите според усогласена динамика со доверителите и паралено да градам инфраструктура, пред се со многу поголемо искористување на средства од предпристапните фондови и фондовите за прекугранична соработка на Европската Унија, со чесно, посветено и одговорно работење и со домаќинско и строго наменско трошење на средствата од општинскиот буџет според проетходно утврдени приоритети.

ФОКУС Многу општини имаат блокирана сметка, па како во таква ситуација инвестираат во инфраструктура и други проекти, кога законски треба да трошат средства само за тековни и неопходни работи?
КОЦЕВСКИ Дел од градоначалниците долговите ги имаат наследено од претходните градоначалници, ни криви ни должни. Заради желбата да бидат запаметени како добри градоначалници, тие градат ризикувајќи, свесно или несвесно, газејќи по тенката линија што го разграничува законското од незаконското работење. Многу градоначалници не мислат за последиците, но тоа може скапо да ги чини доколку се покренат постапки за одговорност. Законот мора да ги штити доверителите, а не должниците.

СЛОЖНИ ПОПОВИ И ВО ПЕТОК МРСАТ

ФОКУС Вие важите за експерт за локална самоуправата, па дали беше уставно и законско одложувањето на локалните избори, односно продолжувањето на мандатот на градоначалниците и советниците?
КОЦЕВСКИ Продолжувањето на мандатот беше согласно еден закон, ама не беше согласно друг закон. Но, претпоставувам дека со политички договор на најважните политички партии, со посредство на меѓународната заедница, премолчено, според старото добро правило ,,сложни попови и во петок мрсат“, а за да се деблокира работата на општините и на Град Скопје, за да не прпат последици граѓаните, беше договорено продолжување на мандатите.

 

 

Поврзани новости