Иџет Мемети: Отворивме неколку постапки за повреда на приватноста во „бомбите“

by fokus

Кога почна објавувањето на т.н. бомби или прислушуваните материјали, Народниот правобранител Иџет Мемети заедно со неговиот тим отворил неколку постапки за повреда на приватноста на лицата кои биле предмет на прислушување, изјави Иџет Мемети, народен правобранител за телевизијата 21.

Како што изјави тој, постапките ги отворил по службена должност, но и по барање на неколку новинари и граѓани кои биле таргет во овој скандал.

Сепак, како што тврди тој, тешко е да се истражува и „копа“ по институции кои се затворени за соработка.

„Почнавме со процедурите, меѓутоа многу тешко одеше. Добивавме разни писма. Едно од таквите е од страна на УБК во кое се велеше, немојте ни да помислите уште еднаш да се јавите и да барате од нас такво нешто“, изјави Иџет Мемети – Народен правобранител.

Но, скандалот со прислушувањата е само еден од низата случаи во кои граѓаните на Македонија биле оштетени, а омбудсманот немал никаква соработка со институциите, кои како што вели го игнорирале.

Тој зборува за незаконско одданочување на граѓаните од страна на Управата за јавни приходи, незаконски блокирани сметки на граѓани од страна на извршители, незаконски испорачани фактури за комунална хигиена и многу други нерегуларности.

Поврзани новости