Груевски ќе се обиде да му ја земе Струмица на Заев со соработник на Чавков

by Фокус

ВМРО-ДПМНЕ промовираше кандидати за градоначалници на пет општини на претстојните локални избори, меѓу кои и Струмица, каде долгогодишен градоначалник беше лидерот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев.

Опозициската партија предводена од Никола Груевски ќе се обиде да ја освои оваа општина со оралниот хирург Марјан Бајрактаров, кој е колега и соработник на, исто така, оралниот хирург Кирил Чавков, брат на довчерашниот министер за внатрешни работи Митко Чавков.

Според податоците од Централниот регистар, Чавков и Бајрактаров се сопственици и воедно овластени лица на приватната здравствена установа Специјалистичка ординација по орална хирургија Д-Р ЧАВКОВ-Д-Р БАЈРАКТАРОВ, која е основана на крајот на 2006 година со седиште во Струмица, кога впрочем ДПМНЕ на Груевски доаѓа на власт.

Инаку, Чавков е поранешен градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на струмичката општина Ново Село, додека неговиот брат е долгогодишен полициски службеник и функционер, кој најмногу напредуваше токму во владата на Груевски, стигнувајќи до министерската позиција.

Оваа партија веќе објави дека со доктор ќе се обиде да победи во уште општина каде локалната власт е во рацете на социјалдеморатите – Куманово, каде ДПМНЕ повторно ќе настапи со хирургот Зоран Ѓорѓиевски.

Како што е познато, тој беше кандидат на ДПМНЕ и на локалните избори во 2016 година, кога победи во првиот изборен круг, но во вториот круг загуби од актуелниот градоначалник Зоран Дамјановски, главно поради тоа што најголем дел од Албанците гласаа за кандидатот на СДСМ.

Засега, неизвесно е дали Дамјановски ќе се натпреварува за уште еден градоначалнички мандат во Куманово, или, пак, СДСМ ќе истрча со Максим Димитриевским или Љубиша Николиќ.

Воедно, генерален секретар на ДПМНЕ Христијан Мицковски промовираше уште неколку кандидати за градоначалници, меѓу кои Славо Чадиев за Велес, кој на минатата избори тесно го победи Аце Коцевски во вториот изборен круг, со кого најверојатно повторно ќе ги одмери силите.

В.С.

Поврзани новости