Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната посета на неколку скопски села кои беа најпогодени од невремето, најави дека ќе бидат набавени илјада пумпи за испупмување на водата од домовите во поплавените подрачја.
-Со набавката на илјада пумпи до утре изутрина ќе се реши проблемот за граѓаните кои имаат вода во своите домови – порача Груевски на денешната посета на Инџиково, Црешево, Смилковци, Виниче и Страчинци.
Груевски рече дека освен што има многу штети по домовите, има и милионски инфраструктурни штети.
Министерот за здравство Никола Тодоров, кој го придружуваше Груевски, рече дека Министерството за транспорт и врски ќе направи проценка на сите инфраструктурни штети – обиколницата и автопатот, и за сите регионални и локални патишта.
Отштетата за домовите пак, поплавените семејства ќе ги добијат по проценката на штетата, а наскоро треба да почне и исплатата на еднократката парична помош од 3 илјади евра за семејствата кои загубија некој член.