Галерија: Халкидики доби конкуренција: Лакавичко Мантово – нова летна дестинација!

Лакавичкото езеро Мантово може да и конкурира на познатата туристичка дестинација Халкидики во соседна Грција, така барем тврдат сопственици на викендички лоцирани покрај брегот на вештачката акумулација на реката Крива Лакавица.

Оддалечено 18 километри од Радовиш, во близина на селото Конче, езерото е идеално место за летување за оние кои што сакаат мир и тишина, недопрена природа, свеж воздух и риболов.

Околу него се наоѓаат околу 100 викендички, а во изминатиов период е започната изградба на нови објекти. Привлечени од убавите пејсажи, природните убавини и уморни од градскиот џагор, се повеќе радовишани, штипјани и неготинчани викендите ги минуваат покрај Мантово.

Еден од нив е и познатиот борач Тони Димов од Неготино, популарен кај неготинчани како Џони Борач. Тој веќе неколку години секој слободен миг со семејството го минува во својата викендичка која што ја уредил до совршенство и ја прилагодил за живот во природата. Вели дека вратата му е секогаш отворена за гости, а посетители му доаѓале од сите краеви на земјава.

,,Мантово е вистински рај! Убаво е и во лето и во зима. Во водите на езерото има разни слатководни риби, како крап, сом, клен… Идеално е за риболов, но и за капење и водни спортови. Ги споредувам фотографиите од летувањето на Халкидики, Грција, и овие направени во Мантово, и можам да кажам – Халкидики може вода да ни носи!

Имаме убави ливади со ретка вегетација, разни видови на птици чие што пеење одекнува околу езерото. Во близина има и манастир, стара воденица. Воздухот е свеж, веднаш се забележува разликата од градскиот тежок воздух. Луѓето се уморни од животот во град, па се почесто мирот си го бараат во природа” – раскажува Џони.

Сепак, ако се решите за викенд во Мантово, има еден проблем. Околу езерото нема ниту еден хотел или апартман, па единствено ви преостанува да земете шатор, или да побарате сместување кај некој од сопствениците на викндички. Голем број на граѓани од сите краеви често доаѓаат за викенд, носејќи со себе храна и шатори или вреќи за спиење и логоруваат покрај езерото.

Пред неколку години овде се изградија три влашки колиби, а во план е изградба уште на три нови, кои што ќе привлечат туристи. Исто така, ќе се уреди и просторот околу нив, со површина од 2.700 метри квадратни.

Проектот ќе се реализира како дел од програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија за кој од страна на Европската унија, општина Конче има одобрено буџет од 172 000 евра.

Уредувањето околу езерото Мантово општина Конче го реализира во партнерство со бугарската општина Ќустендил во рамки на проектот ,,Заедничка одржлива иднина – подобрување на туристичкиот потенцијал на општините Ќустендил и Конче”.

Најавена е и изградба на хотел.

Вики Клинчарова