Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за време на постизборните преговори за формирање на влада со лидерот на ДУИ Али Ахмети, предложил проширување на употребата албанскиот јазик во собранието, владата, полицијата и во повеќе други институции и домени, покажува драфт-верзијата на законот што ја обезбеди Фокус од луѓе вклучени во преговорите за формирање на нова влада.
Воведниот дел од оваа работна верзија на законот изготвена од ВМРО-ДПМНЕ, која беше оценета како недоволна од страна на раководството на ДУИ, гласи дека на целата територија на РМ и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, а друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо во повеќе области.
Покрај македонскиот јазик, во неа се наведува дека службен јазик е јазикот што го говорат најмалку 20 отсто од граѓаните во РМ во сите органи на државната власт во РМ, централните инстиуции и други јавни претпријатија, установи, организации и правни лица што вршат јавни овластувања.
Овие одредби уште даваат можност во судските, управните, извршните постапки, постапка за извршување на санкции, кривични и прекршони постапки, парнични и вонпарнични постапки како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства, како и сите други тела и институции во Градот Скопје и во ЕЛС во која најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, се применува и јазикот што го зборуваат најмалу 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.
Инаку, унапредување на употребата на албанскиот јазик се предвидува во собранието, каде на албански јазик не може да се водат само седниците на работните тела, туку и пленарните седници. Имено, членот 3 од овој предлог пропишува: „Пратеник кој зборува јазик различен од македонскиот, а кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на РМ, кога претседава со седница на собрание и со седница на работно тело, истата ја води на тој јазик“.
Иста е ситуацијата и со владата, имајќи во предвид дека во членот 4 се наведува: „Кога со седниците на владата, седниците на комисиите на Влада, како и генералните колегиуми, претседава избран или именуван функционер од Собранието на РМ или Владата на РМ кој зборува јазик различен од македонскиот, а го зборуваат над 20 отсто од граѓаните на РМ, истите ги оди на тој јазик“.
Притоа, доста воочлив е членот 7 од овој материјал, кој предвидува дека „униформите на полицијата, здравството во Градот Скопје и во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо“.
Во овој предлог, кој воедно определува и како се уредува проблематиката со називите на институциите, именувањето на граничните премини, улиците и други инфраструктурни проекти, како се водат матичните книги и се издаваат личните документи, стои дека се основа Државен јазичен центар во својство на правно лице, надлежен за стандардизирање и воедначена употреба на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните на РМ, како и Инспекторат за надзор на доследната примена на јазикот.
В.С.