Во предлог буџетот за 2018-та година кој го изработи Министерството за финансии се предвидува зголемување на акцизата за нафта за 3 денари од 1 јануари 2018 година. По тој основ се очекува зголемување на приходите во буџетот за 1,6 милијарди денари кај акцизата и 350 милиони денари кај ДДВ-то.
Со зголемување на акцизата малопродажната цена на дизелот ќе биде повисока за 3,5 денари.
Како што изјави денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски, причина за зголемување на акцизата се ЕУ-препораките за заштита на животната средина и намалување на загадувањето.
-И со ова зголемување цената на нафтата во Македонија ќе биде пониска во однос на регионот – посочи Тевдовски и додаде дека на овој начин ќе се обезбедат повеќе средства за Јавното претпријатие за државни патишта.
Предлог буџетот за следната година е во моментов на јавна расправа, а потоа ќе се разгледува на владина седница, пред да биде испратен во Собранието.
На приходната страна планирани се 193,5 милијарди денари или приходи за 4,7 отсто повисоки од 2017та година, додека расходите се димензионирани на 211,7 милијарди денари, односно 4,1 отсто повисоки од годинава. Буџетскиот дефицит ќе изнесува 18,2 милијарди денари, односно 2,7 отсто од БДП.
Најмногу капитални инвестици ќе има во образованието и во здравството, а планирано е зголемување на платите за 5 проценти во здравството, образованието, градинките и армијата, како и редовното зголемување на пензиите и надоместоците за социјала.