Раст на продажбата во „Алкалоид“ и зголемување на бројот на вработени

by fokus

„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – септември 2017 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.

Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – септември, продажбите достигнуваат 5.143.210.986 денари, што е за 7% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 978.094.733 денари, бележи зголемување од околу 9%, единечната нето добивка изнесува 565.185.770 денари и истата е зголемена за 8%.

Во периодот јануари – септември, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 6.646.641.001 денари, што е за 8% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 6%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 9%. Од вкупните консолидирани продажби,39% се остварени на домашен пазар, додека 61% се остварени на странски пазари.Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 32%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 7%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21% и на останатите пазари се остварени 1% од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во В.Британија со продажби од 172.632.553 денари што претставува зголемување за 15 пати и Унгарија со продажби од 23.977.965 денари што претставува зголемување за 10 пати споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Хрватска раст од 9%, Романија раст од 69%, Словенија раст од 13%, Русија раст од 5%, Украина раст од 36%, Црна Гора раст од 10% итн.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 84%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 21%, Кардиолошките препарати со 17%, Антибиотиците со 13%, Невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 16% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 3%, Козметика со 10% и Билкарство учествува со 3%.

Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 1.018.511.003 денари бележи раст од 11%, додека нето консолидираната добивка во износ од 553.940.330 денари е зголемена за 9%.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2017 година изнесуваат 518.373.970 денари.

Во периодот јануари – септември 2017 година во Алкалоид се реализирани 92 нови вработувања во Република Македонија.

 

Поврзани новости