Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија бележи низа неправилности и нерегуларности на повеќе избирачки места.
До 13 часот забележани се следниве неправилности:
Во општина Ѓорче Петров, гласачко место бр. 2.556 во средното училиште Кочо Рацин гласањето било прекинато од 8, 25 часот до 8,3 5ч бидејќи гласач фотографирал ливче со телефон. Гласачот бил приведен од страна на полициски службеници.
Во општина Валандово, гласачко место бр. 0281 гласач фотографирал ливче и откако му било укажано дека тоа не е дозволено, избегал од гласачкото место.
Во општина Арачиново, на поголем број граѓани не им било дозволено да гласаат затоа што ги немало на избирачкиот список а поседувале валидни лични карти.
Во општина Кисела Вода, на улица Боте Боцевски, на Роми им се нуделе по 1000 денари за да гласаат за партија на власт. Случајот е пријавен од страна на граѓанка која го посведочила настанот.
Во општина Прилеп, во дом за стари лица Киро Крстевски Платник, личните документи на болните биле задржани од страна на управата на домот и не можеле да го остварат своето избирачко право.
Во општина Неготино, на гласачко место бр. 1219, гласач јавно кажал за кого гласал.
Во општина Демир Хисар, на гласачко место со бр. 0624, член на избирачки одбор кој гласа на истото место каде е член на одборот, јавно кажал за кого гласа и гласал надвор од параванот, односно пред сите присутни.
Во Теарце едно гласачко ливче е откинато од кочанот заедно со серискиот број на ливчето.
Во општина Струга, на гласачко место бр. 1849, еден гласач откако веќе гласал повторно дошол да гласа уште еднаш.
Во општина Штип биле забележани неовластени лица кои ги евидентирале гласачите пред гласачкото место.
Во Ново Село едно лице агитирало пред гласачко место и по повикување на полиција избегало.
Во Маврови Анови, на гласачко место (училиште) немало полициски службеници од самиот почеток на гласањето. Во истата општина биле забележани малолетни лица на возвраст од околу 16 години кои терале постари лица да излезат и да гласаат за партија на власт.
Затвореник во КПУ Штип известил дека не можел да гласа затоа што го немало на избирачки список, како и дека во затворот видел луѓе што веќе ја имале издржано затворската казна, а сепак гласале како затвореници.
Во поголем број на општини и избирачки места е пријавувано од страна на граѓани дека ги нема на избирачкиот список иако поседувале валидни лични карти и на претходните изборни циклуси можеле да го остварат своето право на глас. Имало и такви пријави каде граѓаните се наоѓале на дополнителните списоци кои биле наменети за дијаспората. Од ДИК биле уверувани дека иако се на тие списоци нивните гласови ќе бидат валидни на територијата на Република Македонија. По овие пријави, граѓаните биле советувани да испратат приговори до ДИК, која има законска обврска да одговори во рок од 4 часа.