ЕСМА ПОЧИНАЛА БЕЗ ДА ИМ ЈА КАЖЕ ПОСЛЕДНАТА ЖЕЛБА НА НАЈБЛИСКИТЕ

by fokus

Кралицата на ромската песна, Есма Реџепова (73) ќе биде погребана утре, во Скопје, а посмртните останки ќе и бидат изложени во капелата Бутел од дванаесет до тринаесет часот. Пред тоа, со почеток во 11 часот, ќе се одржи комеморација. Нејзните најблиски се скршени од болка поради загубата, и немаат зборови со кои што би ја опишале тагата, но шокот поради смртта на Есма.

,,Есма имаше проблеми со шеќерот подолг период, но одеше на редовни контроли, и не претпоставувавме дека ќе ја изгубиме. Вчера нагло и се влоши состојбата и таа почина во болница. Се почна со проблемите поради шеќерот, а на крајот се јавија и проблеми со дишењето, и таа не издржа. Не ни кажа ништо пред смртта, не ни остави некој аманет, не бараше ништо, не ни кажа за некоја неостварена желба, последен збор… Беше скромна, така и си замина, од никого не барајќи ништо, никому не кажувајќи ништо.’’ – ни изјави Весна Ѓорѓиевска, долгогодишната менаџерка на музичката ѕвезда.

Уште пред десеттина дена во некои медиуми се објавија шпекулации дека Есма е во болница, во критична состојба, но гласините веднаш ги деманираа од нејзиниот менаџерски тим.

,,Со сила ме умираат, ама ако, барем гледам во коментарите на социјалните мрежи кој што ми мисли’’ – изјави тогаш Есма.

,,Не е прв пат, да се направи од влакно цело руно, кога е Есма во прашање. Истите приказни за нејзина наводна критична состојба се објавуваа и пред две години, а ништо од сето тоа не беше вистина! Таа дури и не престојува во болница, туку оди на редовни контроли поради шеќерот, нешто што е сосема вообичаено’’ – ни раскажа пред десеттина дена Ѓорѓиевска.

Вики КЛИНЧАРОВА

Поврзани новости