Пишува: Арбен ГОЉА

Деновиве често го слушам фронтменот на ДУИ, г-дин Бујар Османи, во своите настапи на ТВ Телма – „Топ тема“, ТВ 24 и ТВ Алсат М, и запрепастен сум од неговиот безобразлук и дрскост во обидот да ни пласира теза дека неговата партија, ДУИ, е столбот кој сѐ уште ја држи Македонија колку-толку стабилна.

Замислете ја апсурдноста на неговото повеќекратно тврдење дека ДУИ го подметнува грбот за да ја сочува стабилноста на Македонија, дека истата своите интереси ги ставила во втор план во име на доброто на земјата.

Каква евтина демагогија ни продава овој млад господин со која безобѕирно ни ја навредува интелигенцијата.

ДУИ е една од најодговорните за ваквата длабока криза во која се наоѓа земјава затоа што континуирано и безрезервно ја поддржува деструктивната политика на ВМРО-ДПМНЕ, а на тој начин целосно се ставила во одбрана на криминалот и грубото газење на демократијата во сите сфери на општествениот живот.

Изненадувачка е лојалноста на оваа политичка партија наспрема својот коалициски партнер, кој така очигледно загризал во тешки криминали и ја турка земјава кон амбисот, спремни да ја жртвуваат истата само да се спасат од неминовната кривична одговорност, која ќе резултира со долгогодишен затвор. За овој неверојатен феномен постои само еден логичен заклучок, а тоа е дека ДУИ е всушност заложник на врхушката на ВМРО-ДПМНЕ, која најверојатно има компромитирачки материјал за раководната структура на оваа партија. Ова претставува единствено можно толкување на нејзината суицидна и самоуништувачка политика.

По мене ДУИ одамна не е повеќе самостојна политичка партија со конзистентна политика, туку сателит на ВМРО-ДПМНЕ на далечинско управување. Производ на ова се пречестите ретерирања на нивните ставови, кои буквално се менуваат во рок од 24 часа.

Од сето ова се прашувам од каде му е правото на г-дин Бујар Османи да ја поистоветува неговата партија ДУИ како претставник на Албанците во Македонија. Јас како Албанец со дезигнација ја отфрлам секоја и теоретска можност дека овој сателит може и би можел да ме претставува мене или мојот етникум. Сигурен сум дека мојот став е и став на огромниот број на сограѓаните Албанци.

Тие се срам за мојот етникум бидејќи во нашата богата историја никогаш не сме биле никому понизни слуги, без образ и без став.

Оваа сателит-партија имаше најмалку трипати можност да го сруши Никола Груевски и да влезе во историјата на оваа земја како субјект кој ја сочувал нејзината стабилност и нејзиниот интегритет.

Затоа му порачувам на г-дин Бујар Османи дека е срамно да истапува со вакви дефектни изјави, бидејќи на сите ни е јасно, а особено на Албанците во Македонија дека не сте ништо повеќе од ВМРО-ДПМНЕ -ДУИ во албанска носија.

 

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.