Солидарност до Мирка Велиновска: За да нѐ сопрете, ќе треба да се помачите повеќе!

by Фокус

Левичарското движење „Солидарност“ излезе со остра реакција до Мирка Велиновска која претходно неколку пати испрати јавен повик за затворање на политички непожелни невладини организации и партии. Нивната реакција ви ја пренесуваме во целост:

На последниот собир на т.н. Граѓанско движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) беше јавно испратен повик за затворање на политички непожелни невладини организации и партии. Претходно, во излагањето на делегитимираниот претседател Ѓорге Иванов, тој изрази особен гнев кон левицата. Дента кога нашиот поранешен член, другарот Здравко Савески, сега член на президиумот на партијата Левица, беше приведен и му беше изречена мерка куќен притвор, во дневниот весник „Дневник“ бр.42227 од 25.04.2016 година, излезе текст под наслов „Нема правда-нема мир“ за да има пари! потпишан од авторката Мирка Велиновска (членка на ГДОМ). Текстот се надоврзува на овој фашистички тренд на организирана хајка против македонската левица. За изнесените клевети и инсинуации ЛД Солидарност ќе се обрати до новинарските здруженија. Воедно ќе побараме и правна разрешница. Притоа, статијата на Велиновска не можеме да ја оквалификуваме само како новинарски текст или колумна, туку како очаен обид за наше заплашување додека сме на улиците заедно со илјадници сограѓан(к)и, задавајќи ѝ смртоносни удари на авторитарната и корумпирана власт.

Нашата посветеност на протестите ја тера Велиновска да го опише ЛД Солидарност како терористички „оперативен штаб“ на имагинарните „странски служби“ и „мрачни сили“ кои ја уништувале Македонија. Но Македонија ја уништуваат само и само авторитарните и корумпирани политички елити кои го осиромашија и поделија народот и ја доведоа Македонија до состојба на протекторат. Ние, пак, сме на улиците барајќи одговорност за тоа. Се бориме за правда и демократија. Ова не го правиме ниту за пари, ниту по наредба. Ова го правиме водени од идеали и од вербата дека социјално праведно општество е возможно и дека токму ние веќе го градиме тоа општество.

Ние сме исто така горди на нашите членови кои покажуваат огромна човечност и солидарност со луѓето што бегаат од војни и страдање и им помагаат на оние заглавени во нечовечки услови на македонско-грчката граница. Ако помагањето при дистрибуција на храна и вода ее криминал – тогаш да, виновни сме. Но во текстот на Велиновска, ЛД Солидарност е обвинето за поттикнување судири помеѓу бегалците во Идомени и македонската полиција без приложување на ниту еден доказ – и уште поважно, не земајќи предвид дека после долги недели и месеци заглавеност на границата во нехумани услови, соочени со бодликави жици и огради на сите страни, на бегалците им се насобра толку гнев што на два пати тој се изли без контрола, но и без посебен поттикнувач. Ние немаме интерес да ги бунтуваме бегалците и да ги изложуваме на ризикот после толку долг пат тие да бидат натепани, или пак напаѓани со солзавец и гумени куршуми од страна на македонските безбедносни сили.

Поврзани новости