За реформи во делот на следењето на комуникациите ќе се формира Посебна агенција, која ќе има единствено техничка улога, само да го вклучува сигналот, а нема да може да слушаат. УБК, пак, ќе може само да слуша, но нема да може да вклучува. Ова го објаснува директорот на УБК, Горан Николовски, во ексклузивното интервју за „Фокус“.
– Тие нема да може да слушаат, сигналот се пренасочува до корисникот, односно до предлагачот на мерката, во случајов УБК. Додека ние корисниците, односно УБК, ние ќе можеме само да слушаме, нема да можеме да вклучуваме. Значи ако ние сакаме да направиме злоупотреба, ќе треба да направиме злосторничко здружување. Значи покрај сите нивоа на контрола што ги зборуваме, имаме фактичка реална, двојна контрола. Таа контрола подразбира дека едните само ќе вклучуваат, нема да слушаат, додека другите само ќе слушаат, а нема да вклучуваат. Е сега тука постојат финеси. Кога ќе дојде на ред законот за следење на комуникациите… – истакна Николовски.
Тој додава дека во однос на реформата на безбедносниот систем, тие се за формирање нова агенција, надвор од МВР.
– Нашата проценка е да го направиме првиот чекор. УБК да излезе надвор од МВР. Во моментов сметаме дека е најрационално решение. Тука станува збор за два концепти, првиот концепт е децентрализација на моќта, вториот концепт е централизација на моќта. Нашето убедување дека вистинското решение е децентрализација на моќта. Не сакаме да навлеземе повторно во креирање ентитет, кој ќе зрачи со моќ. Сакаме да формираме демократска институција, која ќе служи за заштита на безбедноста на државата и интересите на граѓаните – вели Николовски.
Во интервјуто, директорот на УБК дава детали и за крвавите настани од 27 април во Собранието, потоа тврди дека има потреба од нова истрага за случајот „Диво Насеље“, а одговара и на обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој тврди дека е прислушуван.
Целиот текст може да го прочитате во најновиот број од неделникот „Фокус“