Иванов: Аргументите за блокадата на Македонија се измислени за време на студената војна

by fokus

Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО, сепак беше блокирана и оставена сама на себе. Аргументите за блокадата на Македонија се аргументи измислени за време на студената војна кои немаат место во проектот за обединета слободна и мирна Европа, порача претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во обраќањето на 21. Конференција на началниците на генералштабовите на армиите од земјите членки на САД – Јадранската повелба.

Според претседателот, отворената врата да влеземе во Алијансата е метафорична покана, но сепак Македонија со НАТО ги споделува истите вредности, интереси и приоритети.

„Со НАТО ги споделуваме обврските, задачите и одговорностите. Со НАТО ги споделуваме истите критериуми. Затоа и интероперабилноста и оперативната способност се одамна надминати теми. Тоа го правиме бидејќи од почетокот на независноста во Алијансата ја гледаме нашата иднина“, истакна претседателот и порача дека очекува НАТО да остане доследен на големиот проект и дека, како што рече, ќе овозможи и последната сенка од блоковската поделба на Балканот и Европа да исчезне.

Претседателот во своето обраќање истакна дека е поминато времето кога границите на Европа се чуваа надвор од Европа. Територијалната суверена држава се соочува и со нови нетериторијални закани. Според него, иако се намалува бројот на меѓудржавните конфликти, истовремено се зголемува бројот на конфликтите во самите држави.

Поради радикализација од странските борци, според претседателот Иванов, Европа се повеќе се соочува со напади извршени од втора или трета генерација мигранти дојдени во европските земји.

„За да одговориме на оваа закана, потребно е државите од Јадранската група целосно да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на НАТО и на ЕУ со непречен пристап до сите бази на податоци“, истакна Иванов.

Извор: МИА

Поврзани новости