Девојка избркана од спомен куќата на Тоше поради беџ од Шарената револуција

by fokus

 Деветнаесетгодишната Теано Кардула од Крушево денес била исфрлена од Спомен куќата на Тоше Проески, бидејќи носела беџ од Шарената револуција. Револтираната девојка со нас го сподели непријатното искуство, прашувајќи ги јавно надлежните – дали се запрашале што би рекол Тоше на сето ова што денес се случува во неговиот меморијален центар?

,,Околу 12 часот заминав до спомен куќата на Тоше каде требаше да гледам една хуманитарна модна ревија која се оддржува таму. Ја разгледав, се прошетав и го чекав почетокот на настанот со моето друштво. Ми пријде една вработена и ме замоли да го тргнам беџот од Шарена Револуција ( беџ кој секогаш стои на мојот капут) под образложение дека е партиско обележје, а ова било национална установа. Иако, се обидов да објаснам дека нема ништо партиско, културно си го преместив под шалот бидејќи не сакав да создавам проблеми. По 15 -на минути на страна ме тргна директорката на спомен куќата Елена Мирчевска која повторно побара да го тргнам беџот, иако веќе не беше на видливо место. Тука веќе покажав отпор и одбив да го тргнам и само побарав логично образложение.

Ова беше краткиот (парафразиран) разговор меѓу нас:

” Ова е национална установа, не се прифатливи партиски обележја”.

„Нема ништо партиско во беџот, се работи за настан кој што се случуваше во Македонија. Очигледно не разликувате партија и политика.

„Многу добро знаеме што значи беџот, ова е меморијален центар треба да се покаже почит. Сега, на настанов и медиуми ќе снимаат, не треба да се гледа. Пикни го под јакна.

„Еднаш веќе го преместив и сега е под шалот. Беџот никогаш го немам извадено и нема да го извадам. Знам кај сум, внука од братучед сум на Тоше и нема што да дискутираме за мојата почит кон него. Како што гледате ниту агитирам, ниту бистрам политики. Дојдов да го проследам настанот.

„Овде јас сум директорка и јас поставувам правила. Или ќе го преместиш или ќе напуштиш’’ , раскажува Кардула за случката.

,,Напуштив. Бев избркана поради беџ од луѓе кои се партиски поставени на позиција во спомен куќа на човекот кој не ги делеше луѓето по никоја основа. Навистина сум гневна, што такви луѓе треба да го претставуваат неговото дело. Тоше извини, но моја нога повеќе таму нема да стапне. Изреволтирана после настанот само го посетив неговото вечно почивалиште и оддадов почит како што е ред, бидејќи не ми дозволија да оддадам почит во неговиот меморијален центар. Ми помина низ мислите разговорот од ,,бомбите’’ каде што се спомнуваше името на Тоше.

„Овие од Тоше семејствово против нас се. Што праиме? Да му ја избркаме таа од работа ако не и да не му даваме повеќе 3.000 евра, да го затвориме музејот?” Среќа сега се нивни луѓе на позиции, па не можат да го затворат музејот. Инаку директорката е битолчанка, без никакви допирни точки со градот кај што е израснат Тоше. Тоше, прости им, не знаат што прават’’, изјави Кардула.

Таа своето искуство веќе го споделила и на својот Фејсбук профил, со цел јавноста да знае што се случува во меморијален центар, каде што луѓето одат да му оддадат почит на Проески, и најмалку што очекуваат е дискриминација од било кој вид.

По електронски пат се обидовме да стапиме во контакт со директорката Елена Мирчевска, но таа не одговори на нашите пораки. Славен Ристески, зетот на Тоше во телефонски разговор ни кажа дека е запознат со случајот, но дека девојката не ја збори вистината.

,,Информиран сум за случката, како јас, така и мојата сопруга, но морам да ви кажам дека девојката била замолена да ја напушти спомен куќата бидејќи дошла да провоцира, а не поради беџ од Шарената Револуција. Жално е што името на Тоше се вмешува во политика, бидејќи тој и самиот не беше од оние кои што се плеткаат во политиката, туку живееше за музиката и за своите фанови. Не сакам да се валка споменот за него, да се вмешува тој и неговото семејство во вакви работи. Крушево доби еден убав објект во спомен на нашата музичка легенда, и не треба да се фрла никаква сенка, поврзана со било какви политички мотиви“, изјави Ристески.

Вики Клинчарова

Поврзани новости