Детали од планинарската тура: Учествувате на сопствена одговорност!

by Fokus

Веста за смртта на двајцата млади планинари, Калина Велевска и Александар Миновски, чии тела вчера беа извлечени од врвот Кајмакчалан по долгочасовната акција на грчките специјални служби, ја трогна целата земја.

Двајцата вљубеници во планините, наместо во планинска авантура, организирана од Планинарското Друштво Трансверзалец, заминаа во смрт. Тие беа пронајдени мртви од спасувачките екипи вчера претпладне, по што следеше акција за извлекување на нивните тела.

Според информациите со кои располагаме, група од околу 50 лица во саботата тргнала кон искачување на врвот Кајмакчалан во саботата. Кратко по планинската рута, на Калина и Александар им се изгубила трагата. Од видеото кое што на социјалните мрежи го сподели еден од учесниците во акцијата, се гледа дека условите биле екстремно лоши, односно дувал многу силен ветар и имало минусни температури. Јавноста е потресена, но и револтирана поради трагедијата, и веќе на социјалните мрежи, од страна на искусни планинари се поставува прашањето – зошто не била турата одложена при такви временски услови, но и се бара иницијатива за донесување на Закон со кој ќе се регулира организирањето на тури во планините, односно сите кои организираат тури и заработуваат од нив, да подлежат на одговорност.

Во Македонија, тврдат планинари, не постои конкретен Закон за планинарски спортови. Според нив, единствен член кој може да се поврзе со некаква контрола на движење во планина е членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност кој гласи “Водичите во планина кои водат туристички групи треба да имаат сертификат издаден од асоцијација која во Република Македонија е акредитирана за издавање на сертификат за интернационални водичи во планина.“

Искусни планинари ни потврдија дека за настанот ќе бараат одговорност од ПД Трансверзалец и од Федерација на планинарски спортови на Македонија, но од почит кон загинатите другари, решиле да причекаат да заврши погребот.

Во информацијата околу акцијата на Кајмакчалан, на официјалната страница на ПД Трансверзалец е наведено дека секој учествува на своја одговорност. Ист е случајот речиси со сите планинарски друштва, здруженија и организации во земјава кои организираат разни акции – и покрај тоа што тие се организатори, имаат нивни водач и го наплаќаат учеството, сепак учесниците потпишуваат изјава дека самите сносат одговорност.

Од Трансверзалец не одговорија на нашите пораки со цел да дознаеме повеќе детали за немилиот настан. На нивната официјална страница е објавена информацијата за дводневната акција за искачување на врвовите Кајмакчалан и Кравица на планината Ниџе на 10- ти и 11- ти февруари. Според програмата, групата од планинари било предвидено да тргне од Скопје завчера, со автобус. Искачувањето на врвот Кајмакчалан започнувало од од 2.020 мнв од ски терените и за искачување на врвот се совладувала надморска височина од 500 метри. Должината на патеката била 3,5 км во правец, и биле потребни максимално 2.5 часа за искачување. По искачувањето следела посета на Едеса (Воден) во претпладневните часови, а во рамки на турата била предвидена и посета на најголемиот водопад Керинос од 70 метри. Потоа било предвидено сместување во Лутраки, а вчера ( недела) од пет часот наутро требало да започне акцијата за искачување на врвот Кравица. Искачувањето на врвот Кравица висок 1.682 мнв било предвидено да трае 4 часа, а за симнување биле потребни 3 часа. Во попладневните часови, групата требало да си тргне назад, кон Скопје. Цената за оваа авантура изнесувала 2.000 денари.

Она што е интересно е дека во неколку наврати е напоменато дека секој учесник сам е одговорен за несакани последици, доколку не ги почитува правилата и насоките од организаторите, како и тоа дека секој учествува на сопствена одговорност. Наведено е и дека патничко осигурување учесниците обезбедуваат самостојно, како и дека наведената планинарска акција е организирана и движењето се одвива во група предводена од организаторите и водичите. Пракса на речиси сите планинарски друштва е истата напомена – дека организаторот не сноси никаква одговорност и секој учествува на свој ризик. Исто е и со планинаските велосипедски трки и атлетски маратони.

Грчки медиуми известуваат дека Калина и Александар се одделиле од групата, и најверојатно изгубиле ориентација поради лошите временски услови. Членови на нивната група се јавиле на бројот за итни случаеви 112, по што започнала потрагата. Телата на младите планинари биле забележани околу 11 часот во недела претпладне, оддалечени едно од друго околу 30 метри. Исто така, во грчките медиуми е наведено дека планинарите биле предупредени од ски центарот да не одат на планинарење, поради лошите временски услови во саботата наутро.

Вики Клинчарова

Поврзани новости